Како да се плати данок на доход од продажба на сопствени земјоделски производи

709

Како што се наближува крајот на 2019 година, така стигнува и моментот на пресметките за плаќање на данок кај земјоделците. Во соработка со Управата за јавни приходи, а во насока на доближување и олеснување на начинот на пресметка на данокот кај земјоделците, подготвивме целосен водич за плаќање на данок во оваа гранка.

Под доход од продажба на земјоделски производи се подразбираат доходот остварен од производство, доработка, преработка и пласман на сопствени земјоделски производи.

Даночен обврзник

Обврзник на данок на доход е физичко лице кое не е регистрирано како самостоен вршител на дејност или трговец поединец, а остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на:

  • исплатувачи кои водат деловни книги;
  • физички лица надвор од продажни места на зелени пазари;
  • продажни места на зелени пазари.

Даночни стапки

Аконтација на данокот на доход од продажба на сопствени земјоделски производи се пресметува на соодветно утврдена даночна основа со примена на следните стапки:

На месечна даночна основа по стапка

  • до 90.000 денари 10%
  • од 90.001 денари 9.000 денари + 18% на делот од доходот над 90.000 денари

Аконтација на данокот на доход од продажба на сопствени земјоделски производи се пресметува на соодветно утврдена даночна основа со примена на следните стапки:

На годишна даночна основа по стапка

  • до 1.080.000 денари 10%
  • од 1.080.001 денар 108.000 + 18% на делот од доходот над 1.080.000 денари

Даночна основа

Основа за пресметување на данокот за доходот кое физичко лице го остварува од продажба на сопствени земјоделски производи на исплатувачи кои водат деловни книги и физички лица надвор од продажни места на зелени пазари, а не се оданочуваат по вистински остварен доход претставува разликата помеѓу остварениот вкупен доход и признатите нормиран трошоци во висина од 80%. Oбврзник чиј вкупен доход во годината го надминува износот од 1.000.000 денари, должен е најдоцна до 15–ти јануари наредната година да се регистрира за вршење на дејност согласно закон.

Продажба на сопствени земјоделски производи на други физички лица

Рокови за пријавување на доходот од продажба на сопствeни земјоделски производи на други физички лица

Пријавувањето на доходот од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари ќе го извршите со поднесување на Електронска пресметка (е-ППД) преку e-pdd.ujp.gov.mk.

Пресметката се поднесува до 10-ти во месецот за доходот во претходниот месец. На граѓанинот кој нема да поднесе Електронска пресметка (е-ППД) преку системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk во пропишаниот рок, УЈП ќе му изрече глоба за сторен прекршок во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност.

Регистрирајте се на системот е-Персонален данок!

Обврска за регистрација на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk има секој граѓанин кој остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи, заради пријавување на доходот и задолжително поднесување на Електронска пресметка (е-ППД) до Управата за јавни приходи

  • Доколку сте регистрирани во системот е-Даноци etax-fl.ujp.gov.mk како овластено лице за потпишување за ПДД, автоматски сте регистрирани и како корисник на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk

Со оваа регистрација може да ја поднесувате Електронската пресметка (е-ППД) и за себе за остварените приходи

  • Доколку не сте регистрирани во системот е-Даноци etax-fl.ujp.gov.mk како овластено лице за потпишување за персонален данок, треба да се регистрирате како корисник на системот е-Персонален данок.

Постапка за регистрација на e-pdd.ujp.gov.mk

Постапката за регистрација на е-Персонален данок е лесна и едноставна. Единствен услов за регистрација на системот е да имате валидна е-пошта, која ќе биде корисничко име (user name) за ваша најава на системот e-pdd.ujp.gov.mk и ќе ви служи за комуникација со Управата за јавни приходи. На најавната страна на системот е-Персонален данок има дел за регистрација на нов корисник на системот. Со влегување во овој дел од системот, ќе се отвори мени во кое треба задолжително да ги внесете своите идентификациони податоци. Со првата регистрација на системот e-pdd.ujp.gov.mk може да пријавите и свој полномошник кој ќе го ополномоштите по еден или по двата основи: за поднесување на електронска пресметка преку системот е-Персонален данок и/или за потврдување и корекција на пополнета Годишна даночна пријава

Поднесување на Електронска пресметка (е-ППД)

Кога остварувате доход од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари имате обврска да поднесете Електронска пресметка (е-ППД) преку системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk, до 10ти во месецот за доходот остварен во претходниот месец. Електронската пресметка ја одобрува УЈП. По одобрување на пресметката е-ППД, УЈП електронски доделува Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на доход со статус Одобрена и Налог за плаќање на данокот на доход.

Налогот за плаќање на месечнa аконтација на данокот на доход должни сте да го платите најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец. Пресметка на аконтација на данок кога вршите продажба на сопствени земјоделски производи на други физички лица

Пример: Физичко лице продава земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари, во месец Февруари 2019 година и остварил вкупен доход во износ од 50.000 денари. Пресметка на аконтација на данок:

50.000 – 80% (нормирани трошоци) = 10.000 денари (основа за оданочување)

10.000 денари х 10% = 1.000 денари (данок на доход)

Во овој случај, физичкото лице по основ на остварен доход од продажба на сопствени земјоделски производи на други физички лица треба да плати данок на доход во износ од 1.000 денари. Рок за доставување на пресметката e до 10-ти март за доходот остварен во месец февруари.

Продажба на сопствени земјоделски производи на правно лице

Доколку вршите продажба на сопствени земјоделски производи на правно лице, немате обврска за пријавување на доходот од продажбата, односно обврската за пријавување, поднесување и плаќање на данокот ја има правното лице – исплатувач на доходот. Доколку како граѓанин вршите продажба на сопствени земјоделски производи на правно лице или самостоен вршител на дејност, обврска да го пријави, задржи и плати данокот на доход во име на граѓанинот има исплатувачот на доходот т.е. во овој случај фирмата или самостојниот вршител на дејност. Исплатувачот на доходот (правното лице односно самостојниот вршител на дејност) пред секоја исплата на доходот на граѓанинот-физичко лице, е должен до УЈП да достави Електронска пресметка (е-ППД) преку системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk.

Исплатувачот на доходот т.е. фирмата или самостојниот вршител на дејност на кој вршите продажба на сопствените земјоделски производи има обврска да го плати данокот при секоја поединечна исплата. За пресметаниот и платен данок по одбивка, правното лице односно самостојниот вршител на дејност е должен:

  • да ви го пресмета данокот на доход и истиот да го плати на пропишаната уплатна сметка; и
  • при секоја исплата на доходот да ви издаде примерок од пресметката на платениот данок (аконтација).

Данок по одбивкa

Пресметка на аконтација на данок од правното лице-исплатувач на доходот

Пример: Граѓанин кој продава земјоделски производи на исплатувач-правно лице кое води деловни книги, оствари доход во износ од 60.000 денари.

Пресметката е следна:

60.000 – 80% (нормирани трошоци) = 12.000 (основа за оданочување)

12.000 х 10% = 1.200 (данок на доход)

Во овој случај, правното лице ќе треба да плати данок на доход во износ од 1.200

денари.

Продажба на сопствени земјоделски производи на производи на продажни места на зелени пазари

Обврзникот на данокот на доход кој остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари, а не се оданочува по вистински остварен доход, се оданочува според паушално утврден нето доход. Паушалниот нето доход го утврдува УЈП врз основа на висината на закупнината на продажното место на зелениот пазар и големината на нето доходот на обврзникот кој под исти или слични услови врши иста или слична дејност.

Кога остварувате доход од продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари, УЈП врши пресметка на аконтација на данокот на доход за доходот од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица на продажни места на зелени пазари. УЈП за секое физичко лице кое остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари изготвува Електронска пресметка (е-ППД) и Решение за утврдување на аконтација на данок на доход кое го доставува заедно со налозите за плаќање на аконтација на данокот на доход до примателот на доходот. УЈП пресметката за доходот ја врши врз основа на податоци од Извештајот за корисниците на продажни места на зелени пазари (образец ПДД-И/ЗП), кој организаторот го поднесува до УЈП најдоцна до крајот на годината која и претходи на годината за која се врши утврдување на данокот.

Враќање на платениот данок

Даночниот обврзник, кој остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на исплатувачи кои водат деловни книги и физички лица надвор од продажни места на зелени пазари а не се оданочува по вистински остварен доход, кој во текот на календарската година остварил доход од продажба на сопствени земјоделски производи кој не го надминал износот од 1.000.000 денари има право на враќање на платениот данок за остварениот доход од продажба на сопствени земјоделски производи.

Правото на враќање на платен данок не може да го оствари даночниот обврзник кој во календарската година го надминал лимитот од 1.000.000 денари, и остварил друг доход кој се оданочува согласно одредбите од ЗДЛД. Исто така правото на враќање на платен данок може да го оствари даночниот обврзник кој во календарската година остварил доход ослободен од плаќање на данок на доход освен остварени плати на вработено лице кај обврзник кој е корисник на ТИРЗ.

Врз основа на податоците од потврдените годишни даночни пријави, органот за јавни приходи изготвува листа на обврзници на кои треба да им биде вратен платениот данок која се доставува до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заради потврдување или коригирање на податоците. По проверка на податоците од листата преку споредување со податоците од Единствениот регистар на земјоделските стопанства и други податоци со кои што располага Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, листата по потврдување или коригирање се доставува до органот за јавни приходи. Враќањето на платениот данок се врши најдоцна до крајот на годината која следи по годината за која што се однесува потврдената годишна даночна пријава.

Потврдување на Годишна даночна пријава

Врз основа на сите податоци за исплатениот доход од страна на исплатувачите и за доходот кои сте го оствариле од други физички лица и од странство, во текот на 2019 година, најдоцна до 30 април 2020 година УЈП ќе изготви и ќе ви достави пополнета Годишна даночна пријава, која може да ја преземете од системот е-Персонален данок по претходна регистрација на истиот. Ваша обврска ќе биде истата да ја потврдите или да ја корегирате најдоцна до 31 мај 2020 година.