Конференција за правата за интелектуална сопственост

32

6a455f85-9bad-4604-b6fa-f270efe51dffМинистерот за економија Ваљон Сарачини денес ја отвори 6-тата Годишна конференција Правата од интелектуална сопственост: Заштита и едукација во Македонија, организирана од страна на Американската стопанска комора во Република Македонија.

Тој во своето обраќање потенцираше дека интелектуалната сопственост игра огромна улога во зголемувањето на вработеноста и унапредувањето на конкурентноста на стоките и услугите, вкупниот економски раст и развој на државите.

“Владата покажа силна политичка волја за регулирање на ова прашање преку формирање Координативно тело за интелектуална сопственост, за вршење на координирани акции кога е во прашање повредата на правата од интелектуална сопственост. Тоа ја игра главната улога во борбата против феномените на пиратеријата и фалсификатите на индустриската сопственост – трговска марка, индустриски дизајн, спречување на патентното право и авторските и сродни права“, изјави Сарачини.

Министерството за економија и Државниот завод за индустриска сопственост, во соработка со другите министерства и институции инволвирани во заштитата на интелектуалната сопственост, изготви Национална Стратегија за заштита на правата од интелектуална сопственост. Стратегијата претставува значаен документ за претставување на развојот на интелектуалната сопственост.

“Стратегијата ќе придонесе за градење на едно ново општество базирано на знаење кое ќе биде компатибилно со европското и меѓународното општество засновано на поттикнување на странски инвестиции, задржување и привлекување таленти кои талентот и иновативното знаење економски ќе го ефектуираат, унапредување на развојот на малите и средни претпријатија, како и промовирање на креативноста и иновативноста и зголемување на вработеноста”, истакна министерот.

На конференцијата се обратија и Биљана Јанева, претседател на Работната група за правата од интелектуална сопственост на Американската стопанска комора во Македонија, проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска, која ги презентираше заклучоците од проценката на Националната стратегија 2009-2012, за која како експерт беше ангажирана при подготовката и при изготвувањето на нејзината проценка во јуни 2012 година, како и Магдалена Шарламанов од Делегацијата на Европската Унија во Македонија.

Конференцијата се одржа со цел да се пружи поддршка за целосно имплементирање на Националната стратегија за правата од интелектуална сопственост 2009-2012 година, регионалните трендови и напорите на заедницата за генерално подигнување на свеста за ова прашање.

“Иако во последниве години се донесени голем број на закони, она што недостасува е нивно спроведување. За да се спречи уназадувањето на земјата во заштитата на правата од интелектуална сопственост потребно е сите инволвирани институции дел од своите секојдневни активности да ги насочат и да посветат внимание на ова прашање во наредниот период, без разлика дали ќе се донесе национална стратегија”, истакна Јанева.