Кризата носи и шанси

24

pad-pixabay

Фото: Pixabay

Во услови кога компанијата е во економска и финансиска криза, време е да се преземат одредени стратегии и оперативни потези со кои ќе го зачувате бизнисот и ќе се подготвите за развој откако кризата ќе помине.

Како треба да се однесувате во време на криза?

Менаџерите кои имаат визија и на проблемите гледаат како на шанси. А проблемите и кризата се најдобра прилика за преиспитување на постоечките стратегии, за чистење на постоечката производна програма од непрофитабилни и неперспективни производи и момент да се престане со услужување на непрофитабилни и непреспективни клиенти.

Кога компанијата се наоѓа пред опасност да стане неликвидна, неопходно е оперативно реагирање во краток рок. Треба да се направат пресврти во неколку сегменти:

Намалување на трошоците

Намалување на средствата

Зголемување на приходите

Комбинација од горенаведените

Компанијата може да ги намали вкупните трошоци на повеќе начини. Најпрво, намалување на трошоците за истражување и развој кои немаат изгледи за успех во иднина.

Потоа да се намалат трошоците за економска пропаганда која се одива преку најмалку ефикасните канали (пример, слабо тиражните весници), како и трошоците за дистрибуција. Да се намали базата на нелојални и непрофитабилни клиенти, да се исфрлат непрофитабилните производи и слично.

Заштедата може да се направи преку намалување на трошоците за одржување, намалување на бројот на службени патувања, изнајмување на опрема наместо купување на истата, како и со заштеда на канцелариски материјал.

Намалување на средствата односно продажба на поединечни средства на компанијата треба да се земе во предвид тогаш кога не може со намалување на трошоците да обезбеди ликвидно и профитабилно работење.

Кои средства ќе бидат предмет на продажба зависи од стратегијата на компанијата и можноста за нивна продажба на пазарот по горе-долу поволни услови. Во принцип треба да се задржат оние средства за кои се знае дека ќе бидат користени во наредните две години. Под средства кои би се продале се подразбираат земјиште, згради, опрема (со и без повраток), патенти, инвентар и др.

Зголемување на приходите е опција во случај кога се проценува дека моменталните капацитети ќе бидат користени во следните две години. Тоа се постигнува со зголемување на цените, агресивна и фокусирана промоција и слично.

Притоа треба да се внимава зголемувањето на цените да биде прифатено од страна на купувачите, во смисла да биде реализирано така што клиентите нема да отидат кај конкуренцијата.