Кризата во градежната индустрија во еврозоната сè уште трае, закрепнувањето не е на повидок

Кризата во градежната индустрија во еврозоната сè уште трае, а закрепнување не е на повидок, е заклучокот од глобалниот извештај на S&P.

Јулискиот индекс на менаџери за набавка (PMI) во градежништвото во еврозоната падна од јунските 41,8 поени на 41,4 поени, што е далеку од посакуваните вредности.

PMI е параметар кој се користи како показател за економската активност, а резултатот под 50 покажува дека градежната индустрија е во состојба на контракција, односно пад на економската активност, додека резултатот над 50 укажува на експанзија, односно раст на активноста во градежништвото.

Падот на активноста е пред сè последица на намалената побарувачка, која го намали бројот на нови работни места во градежништвото и доведе до одредени отпуштања, објавено е на веб-страницата на агенцијата.

Според извештаите, италијанскиот градежен сектор забележа најголем пад во последните две години, како и градежништвото во Франција и Германија. „Градежниот сектор на еврозоната не ја гледа светлината на крајот од тунелот. Песимизмот се влоши во Франција и Германија бидејќи компаниите веруваат дека побарувачката за градежни работи ќе биде уште помала во следните 12 месеци“, коментира економистот на HCOB Норман Либке, пренесува Танјуг.