Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) спроведе онлајн анкета за донесената Уредба на Владата за забрана за пробување на облека во текстилните продавници во трговските центри, при што се добиени 258 одговори, а потрошувачите можеa истовремено да одберат повеќе одговори.
Потрошувачите во речиси четвртина од одговорите, сметаат дека со оваа мерка ризикот од зараза со Ковид-19 од облека која била пробана од други потрошувачи ќе остане непроменет, бидејќи облеката ќе може да се проба дома и потоа да се врати во продавницата.
Испитаниците во 22% од одговорите, сметаа дека мерката ќе го зголеми ризикот потрошувачите неколкукратно да одат во и да се враќаат од трговските центри со цел да најдат облека која им одговара.
Една петина од одговорите, посочуваат дека мерките ќе ја усложнат постапката за враќање на парите што ги потрошиле доколку не најдат облека со која би ја замениле претходно купената облека. Дека ќе се создаваат дополнителни редици во продавниците за замена на купената облека и со тоа дополнително ќе се зголеми ризикот укажуваат 19% од одговорите.
Вкупно 9% од одговорите искажуваат мислење дека со оваа нова мерка ќе се намали ризикот од зараза со Ковид-19 од облека која била пробана од други потрошувачи. Само 6% од одговорите упатуваат дека ризикот од заразата со Ковид-19 од облека која била пробана ќе остане иста.
ОПМ потсетува и на членот 50 од Законот за заштита на потрошувачите, којшто гласи:
Потрошувачот има право кај трговецот кај кој е купен производот да го замени производот што има соодветен квалитет, а што не одговара во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини, освен во случај на купен производ изготвен по нарачка од потрошувачот врз основа на писмен договор. Потрошувачот може да го оствари правото од ставот 1 на овој член во рок од 15 дена од денот кога производот е купен. Замена на производот со соодветен квалитет се врши ако производот не бил употребуван, ако е сочуван изгледот на производот, употребните својства, пломбите, фабричките етикети, како и фискалната сметка за производот или сметкопотврда кои на потрошувачот му биле издадени заедно со производот. Ако во моментот на поднесувањето на барањето од потрошувачот трговецот нема соодветен производ (производ што ќе одговара на неговите потреби), потрошувачот има право по свој избор да бара:
- да го раскине договорот и да бара враќање на платениот паричен износ или
- да го замени производот со соодветен кога ќе има таков производ.
Трговецот е должен да го извести потрошувачот кој барал замена на производот дека има таков производ за продажба во рок кој не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето.
Фото: Freepik