
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард денеска оцени дека неодамнешните тензии околу банкарскиот сектор создаваат „нови ризици“ за економијата, во време кога таа монетарна институција интензивно се бори против инфлацијата.
Финансиските турбуленции поврзани со неодамнешниот колапс на неколку банки создадоа нови ризици за пад на економската активност, рече Лагард на форумот во Франкфурт.
„Соочени со повторливи шокови и промена на геополитиката, се очекува степенот на неизвесност да остане висок“, додаде Лагард.
Напорот на институцијата да ја врати инфлацијата на околу два проценти до 2025 година покажува дека има уште долг пат за да се ограничат инфлаторните притисоци, додаде таа.
ЕЦБ ја зголемува својата каматна стапка со невидено темпо, зголемувајќи ја за 350 базични поени од јули минатата година во обид да ја ограничи инфлацијата која надмина 10 отсто во октомври како резултат на руската војна во Украина.
„Сепак, инфлацијата останува висока и се истакнува неизвесноста како таа ќе се развива и бара силна стратегија за следниот период“, рече првиот човек на Европската централна банка.
Таа исто така рече дека каматните стапки треба да се доведат на доволно рестриктивно ниво за да се запре побарувачката и предупреди дека ефектите од тој процес дури почнуваат да се чувствуваат.
Што се однесува до натамошното заострување, ЕЦБ ќе престане да кажува што очекува да направи и ќе се потпира на тековните податоци кога ќе се состане Управниот совет. Со други зборови, рече Лагард, ЕЦБ ниту е посветена да продолжи да ги зголемува каматните стапки ниту да запре.
Едно е сигурно, додаде таа, нема контрадикторност меѓу ценовната и финансиската стабилност. Според бројни изјави на економски и политички претставници, финансиската стабилност во еврозоната засега не е загрозена.
Фото: Pixabay











