
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард ги повика европските лидери да ги искористат моменталните геополитички и економски промени како можност за зајакнување на глобалната улога на еврото, особено во светлината на падот на довербата во американскиот долар предизвикан од политиките на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ова е моментот на глобалното евро. За да го искористиме и да ја зајакнеме улогата на еврото во меѓународниот монетарен систем, мора решително да дејствуваме како обединета Европа и да преземеме поголема контрола врз сопствената судбина“, напиша Лагард во колумна за „Фајненшл тајмс“.
Лагард нагласи дека Европа мора да зајакне три клучни столба, геополитички кредибилитет, економска отпорност и правна и институционална стабилност.
Таа и други европски претставници веруваат дека постои реална можност еврото да се позиционира како конкурент на американскиот долар, кој со децении доминира во светските финансии. Ова би им овозможило на европските земји да уживаат слични привилегии како што се пониски трошоци за задолжување и поголема стабилност во однос на валутните флуктуации.
Во текот на 2025 година, инвеститорите масовно го напуштија американскиот долар поради непредвидливата политика на Трамп, особено во областа на трговијата. Во исто време, интересот за Европа порасна, меѓу другото поради најавите за поголеми јавни инвестиции, особено во Германија. Сепак, европските претставници остануваат претпазливи и сакаат да избегнат ненадејна промена што би можела да ја загрози стабилноста на глобалниот финансиски систем.
И покрај овие околности, најновиот извештај на ЕЦБ покажува дека меѓународната употреба на еврото не забележала раст во 2024 година, што укажува на длабочината на предизвикот во обидот да се позиционира еврото како вистинска алтернатива на доларот.
Лагард истакнува дека меѓународната важност на еврото нема да дојде само по себе, туку „мора да се заработи“. Таа истакна дека денешните сомнежи за доминантната валута не значат автоматски дека доаѓа голем пресврт, туку наместо тоа гледаме зголемување на побарувачката за злато.
Лагард, исто така, нагласи дека валутата со статус на меѓународни резерви носи одредени одговорности. „За да се спречи недостиг на ликвидност на еврото во странство, ЕЦБ одржува своп и репо линии со клучните партнери за да обезбеди непречен пренос на својата монетарна политика“, напиша шефицата на ЕЦБ.
Фото:Printscreen