Ле Мер: И Кина и Америка гледаат на сопствените интереси. Европа мора да го стори истото

Франција, можеби, би можела да се обиде да преговара за некои исклучоци од царините и ограничувањата наметнати со американскиот Закон за намалување на инфлацијата, но Европа мора да дејствува за да ги заштити своите економски интереси – изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

Следната недела заедно со францускиот претседател Емануел Макрон ќе престојува во државна посета на САД, објави Ројтерс.

Европејците велат дека огромниот пакет субвенции за заштита на американските производители – Законот за намалување на инфлацијата – би можел „да им зададе смртен удар“ на нивните индустрии, кои веќе се опоравуваат од високите цени на енергијата.

– Франција може да побара изземање од некои обврски и ограничувања наметнати од американската администрација. Но, вистинското прашање што треба да си го поставиме е каква глобализација е пред нас? – изјави Ле Мер за телевизијата Франс 3.

Според него, „Кина го фаворизира кинеското производство, Америка го фаворизира американското производство, затоа е време Европа да го фаворизира европското производство“.

– Сите европски земји мора да разберат дека денес, соочени со овие американски одлуки, мора да научиме подобро да ги штитиме и браниме нашите економски интереси – рече Ле Мер.