„Летечкиот Французин“ Френки Запата со нов производ – JetRacer (ВИДЕО)

96

Френки Запата е француски иноватор кој со години работи на „џет-пакови“ напојувани од млазни мотори. Со еден таков џет-пек, тој пред три години успеа да го прелета Ла Манш и на тој начин го привлече вниманието на јавноста.
Неговата компанија продолжи со развојот на лични летала, па сега тие претставуваат нов производ, персоналниот летечки дрон JetRacer.

Во основа, тоа е VTOL превозно средство за едно лице, но за разлика од џетпек, на ова летало може да се седи, а се контролира со помош на два џојстици. За погонот повторно се задолжени малите млазни мотори на керозин, од кои дури десет се инсталирани на JetRacer. Благодарение на ова, леталото е многу агилно и брзо, може да изведува разни маневри и акробации, но на сметка на дометот.

За релативно кратко време што може да биде во воздух (точните податоци не се објавени), JetRacer треба да може да се движи со брзина до 250 км/ч, да достигне височини до 3.000 метри и да носи товари од до 200 килограми. Затоа велат дека може да се користи за различни цивилни или воени цели, на пример за пребарување, транспорт, извидување, брз транспорт до бродови, но и за воздушни акробации, трки или чиста забава.

Во моментов, компанијата на Запата има прототип JetRacer и ги повикува сите заинтересирани страни да се пријават за негово тестирање. Меѓу пријавените ќе бидат избрани 25 кандидати кои ќе имаат можност први во светот да летаат со оваа необична направа.