Летонија инвестира милијарда евра во ветерници

Летонија планира да инвестира околу милијарда евра за изградба на ветерни електрани за да го зголеми производството на енергија од обновливи извори и да ја зајакне енергетската безбедност, изјави премиерот Крисјанис Каринс.

– Ова е среднорочно решение што ќе ни дозволи да станеме целосно независни во нашето снабдување со енергија и да користиме помалку фосилни ресурси, додаде Каринс.

Тој ова го опиша како една од најголемите инвестиции некогаш преземени во малата балтичка земја што граничи со Русија.

Според премиерот, откако ќе се спроведе проектот, Летонија може да се префрли од увозник на електрична енергија од места како Русија, на извозник.