LG инвестира 3 милијарди долари во фабрика за батерии за електрични возила

86

Јужнокорејската компанија LG Energy ќе инвестира околу три милијарди долари во проширување на фабриката за производство на батерии за електрични возила.

Станува збор за фабрика во Мичиген, а компанијата се одлучила на овој потег откако потпишала договор за набавка на батерии со Toyota.

Работите за проширување се очекува да завршат во 2025 година. Како што пренесува Ројтерс, Toyota ќе ги стави овие батерии со капацитет од 40 гигават-часови во своите електрични возила, кои ќе се произведуваат во американската сојузна држава Кентаки.

Проширувањето на капацитетот во Мичиген значи дека Тојота ќе може да опреми 250.000 возила со батерии.

LG Energy, исто така, доставува батерии за производители на автомобили како што се General Motors, Stellantis, Hyundai и Honda. Јужнокорејската фирма во моментов гради фабрика за батерии вредна 2,1 милијарди долари во САД која ќе го снабдува само Џенерал Моторс.