Лидл е посветен на изградба на модерна, енергетски ефикасна и безбедна инфраструктура во согласност со меѓународните стандарди

Во соработка на „Лидл Северна Македонија“, Министерството за транспорт и Стопанската комора на Северна Македонија, во Скопје се одржа конференција „Бизнис-со-бизнис“ посветена на градежниот сектор и секторот за недвижности. Настанот ги собра клучните партнери и компании со кои Лидл активно соработува во процесот на имплементација на своите проекти низ целата земја.
Конференцијата ја отвори заменик-министерката за транспорт, г-ѓа Калтрина Зеколи-Шаќири, која изјави дека „инвестицијата на компанијата Лидл носи свежина на пазарот, отвора нови перспективи за економијата и претставува доказ дека Северна Македонија нуди одлични услови за одржлив развој и рамноправно партнерство меѓу државата и бизнисот“.

На конференцијата беа презентирани високите професионални стандарди што Лидл ги применува во сите сегменти од своето работење, почнувајќи од изборот на локација, дизајнот и изградбата на проектот, па сè до здравјето и безбедноста при работа, енергетската ефикасност и сертификацијата на објектите. Со јасни и транспарентни тендерски процедури, строг технички надзор и одржливи градежни решенија, Лидл покажува дека секој чекор на компанијата е во согласност со најдобрите европски практики.

„Лидл е сериозен инвеститор кој влегува на пазарот со јасна визија и долгорочна посветеност. Нашата стратегија вклучува континуирана изградба на модерна, енергетски ефикасна и безбедна инфраструктура низ целата земја“, изјави Рубријан Хаџиев, главен оперативен директор на Лидл Северна Македонија.
Како дел од групацијата Шварц, најголемиот синџир на дисконти во Европа со присуство во 31 земја и над 12 000 продавници, Лидл носи стабилност, безбедност и модерен пристап во секоја фаза од развојот. Компанијата на глобално ниво вработува над 375 000 луѓе, а од 2022 година се префрли на зелена електрична енергија во своите капацитети.
На настанот беа истакнати и бројните партнерства со домашни и меѓународни компании – од агенти за недвижности, урбанистички планери и дизајнери, до градежни компании, консултанти, сертификациски тела и добавувачи. Овој колаборативен пристап овозможува испорака на сложени проекти од највисоко ниво, изградени врз квалитет и доверба.
Конференцијата беше заокружена со интерактивна сесија со прашања и одговори, како и можност за директна размена на идеи и поврзување со деловните партнери на Лидл.