Луфтханза планира да вработи 20.000 луѓе

49

Германската Луфтханза планира да вработи 20.000 луѓе до крајот на 2023 година, со силно закрепнување на воздушниот сообраќај по пандемијата „Ковид-19“.
Како што соопштија од компанијата, тие бараат различни профили на вработени – од пилоти, кабински екипаж, до адвокати и техничари. На крајот на септември германската групација имаше 107.000 вработени.

Луфтханза, како и многу други авиокомпании, укина илјадници работни места за време на пандемијата. Индустријата годинава доживеа силно закрепнување, а недостигот на работна сила предизвика хаос на неколку европски аеродроми во текот на летните месеци. Индустријата беше погодена од бројни штрајкови поради незадоволството на вработените.

Германската авијациска групација сега најави вработување на 20.000 луѓе. „Тоа покажува дека Луфтханза амбициозно чекори кон иднината“, рече шефот на човечки ресурси Мајкл Нигеман.

„Ако сакаме да бидеме лидери во индустријата, тогаш ни требаат посветени и мотивирани вработени кои ќе се справат со предизвиците“, резимира Нигемана за германската новинска агенција dpa.

Извршниот директор на Луфтханза, Карстен Спор, неодамна објави дека поради големата побарувачка, групата до крајот на следната година ќе вработи околу 20.000 луѓе, а во исто време најави инвестиции од повеќе милијарди евра во авиони и опрема.