Лувр ја стави онлајн целата своја колекција

50

Љубителите на уметноста сега може да уживаат во сите дела изложени во францускиот музеј Лувр од својот дом.

Музејот претстави онлајн-платформа на која може да се види неговата колекција. Во колекцијата има над 480.000 уметнички дела, вклучувајќи ја и познатата Мона Лиза на Леонардо да Винчи. Пристапот до онлајн-платформата е бесплатен.

“Првпат секој има бесплатен пристап до целата колекција од компјутер или телефон, без разлика дали станува збор за дело изложено во музејот, позајмено, дури и долгорочно, или е во складиште“, изјав Жан-Лук Мартинез, директор на музејот.

Според него, се очекува дигиталните содржини да ги инспирираат луѓето да дојдат во музејот и да ја видат колекцијата во живо. Онлајн-платформата засега е достапна на француски, англиски, шпански и на кинески јазик. Таа може да се гледа од повеќе уреди, но најдобро е од мобилен телефон.

Во меѓувреме, Лувр останува затворен за посетители поради пандемијата и планирано реновирање.

Фото: Freepik