Организацијата Македонија 2025 организира студиската програма во Торонто, Канада, каде неколку македонски извршни директори ќе имаат можност да следат предавања на светски експерти од бизнис сцената, како и да посетат повеќе познати канадски компании.
Во денешната најава се вели дека македонска делегација составена од извршни директори и претставници на македонскиот бизнис сектор, предводена од Зоран Мартиновски, Член на Одборот на Директори на Македонија 2025, од 8 до 20 јули ќе има можност да посети голем број канадски компании, како и да ги слуша предавањата за извршни директори на Шулих Школата за Бизнис во Торонто, една од десетте најдобри школи за бизнис во светот.
Школарините на шесте македонски извршни директори, кои ќе следат курсеви чии предавачи се експерти од меѓународната бизнис сцена ќе биде покриена од организацијата Македонија 2025. Тие заедно со останатиот дел од македонската делегација, ќе посетат неколку канадски компании: Сириус Икс-Ем Канада, Бомбардиер, Телус Интернешнeл, Магна, Мајкрософт Канада итн.
Исто така претставниците на делегацијата ќе имаат можност да учествуваат на многу бизнис настани, чија главна цел ќе биде остварување на бизнис контакти и поврзување со претставници на дијаспората во Канада како и запознавање со потенцијални инвеститори од Канада.
Македонија 2025 како дел од Програмата организира и Коктел на кој ќе учествуваат претставници од Одборот на Директори на Македонија 2025 и голем број угледни бизнисмени од регионот.