Македонија лидер во регионот со електронските аукции

21

biroДиректорката на Бирото за јавни набавки Македонија, Маре Богева – Мицовска, кое денеска е домаќин на 9-от регионален форум за јавни набавки за земјите од Европа и Централна Азија, истакна дека Македонија е лидер во регионот во спроведувањето на електронските аукции за јавните набавки и заштедите што при тоа ги генерира.

Таа додаде дека одговорните лица се многу попретпазливи при склучувањата на договорите, а корупцијата е во мал обем. На листата на објавени компании кои поради прекршување на законот имаат забрана за учество во јавни набавки, има 25-26 компании.

“Ако се зборува за ефикасноста на системот за јавни набавки, ние сме на добар пат. Со електронскиот систем на јавни набавки и со заштедите што ги генерира преку електронски ауцкии може да се пофалиме дека сме лидери во регионот”, изјави Богева – Мицовска.

Бирото за јавни набавки е формирано во 2004 година и според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески регионот може да биде пример како за релативно кратко време земји без голема традиција во јавните набавки може да воспостави функционален и сеопфатен систем на јавни набавки.

Тој посочи дека домашните директиви се усогласени со европските, но дека македонските прописи вклучуваат и бројни добри меѓународни практики кои не се уредени со директивите, а кои најчесто извираат од практиките на меѓународните финансиски институции.

Според статистиката јавните набавки зафаќаат околу 13% од бруто домашниот производ на Република Македонија. Минатата година се склучија над 23.000 договори за јавни набавки, а преку нив се договорени над 56 милијарди денари или околу 900 милиони евра.