Македонија на патот да привлече 1,5 милиони туристи до крајот на годината

Македонија бележи рекорден пораст на бројот на странски туристи. Според најновите податоци на Министерството за култура и туризам, во првата половина од 2025 година е забележан раст од 21,6 проценти во однос на истиот период лани. Ако трендот продолжи, се очекува бројот на странски посетители да достигне околу 1,5 милиони до крајот на годинава, што би можело да донесе приходи до 500 милиони евра.

Од Министерството нагласуваат дека овој тренд претставува голема можност, но и сериозна обврска. За да се задржи позитивната динамика, неопходни се вложувања во подобрување на туристичката инфраструктура, развој на одржлив туризам и рамномерен развој на сите региони.

– Зголемениот интерес за Македонија е резултат на засилената промоција, развојот на туристичките капацитети и пристапот кој им овозможува на посетителите автентично доживување на нашата култура, традиција и природна убавина – велат од Министерството.

Во таа насока, се спроведуваат реформски и организациски мерки, меѓу кои и интегрирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во рамките на Министерството за култура и туризам. Целта е да се создаде функционален и ефикасен систем кој ќе одговори на потребите на туристичката индустрија.

Податоците покажуваат дека Македонија веќе станува атрактивна дестинација преку целата година, не само во пик-сезоната. Посебно се зголемува бројот на туристи во месеците надвор од традиционалната сезона, што укажува на успешна диверзификација на туристичката понуда.

Најбројни се туристите од Турција, кои сочинуваат 42 проценти од странските посетители. Значителен раст бележат и туристите од Србија, особено во Скопје и Охрид, со пораст од 20 до 30 проценти. Стабилен раст има и од пазари како Германија, Грција, Хрватска и Романија, додека Бугарија, Албанија и Словенија се задржуваат на стабилно ниво. Кај туристите од Косово, САД, Италија и Холандија трендот е без значителни промени.

Министерството оценува дека досегашните резултати се потврда дека Македонија е на добар пат да стане водечка туристичка дестинација во регионот.