Македонија се подготвува за дигитална валута: Народната банка работи на студија за дигитален денар

Во некои земји во светот криптовалутите веќе на големо се користат за плаќање. Централноамериканска држава Ел Салвадор во 2021 година стана првата држава што го призна биткоинот како дел од економскиот систем и ги обврза сите компании во земјата да го прифаќаат при плаќање, а Нов Зеланд е прва земја во светот каде платите почнаа да се исплаќаат во криптовалути.

Иако криптовалутите се сè поприсутни во светот Македонија заостанува во овој поглед. Оваа сфера е сè уште во сивата зона и луѓето често ги поврзуваат криптовалутите со пирамидални шеми, измами или криминал.

Во Македонија нема регулација на криптовалути, што значи дека крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање, односно не е дозволено да се плаќа со нив. Ја прашавме Народна банка во однос на тоа до каде е регулацијата на криптото во Македонија и дали процесот ќе се забрза, бидејќи со одредување на правилата на игра ќе добијат сите?

-Народната банка внимателно ги следи активностите на глобално и регионално ниво за регулаторно уредување на крипто-пазарот и особено оние во ЕУ за имплементирање на регулативата за пазарите на крипто – средства (MiCA). Притоа, постои јасна разлика меѓу суверените валути кои ги издаваат централните банки согласно со националната регулатива се користат за извршување на плаќањата во државата и зад чија што достапност и стабилност на вредноста во однос на останатите валути стои Централната банка и крипто-средствата кои се поврзани со издавачи и даватели на услуги поврзани со крипто-средства кои се предмет на регулаторно уредување со тековните иницијативи на глобално ниво. Крипто-средствата не се пари во смисла на законско средство за плаќање издадено од централна банка, ниту пак ги поседуваат карактеристиките за пресметковно изразување на вредноста и чувар на вредноста. Поради неизвесноста и високата променливост на вредноста на овие средства, вложувањето во крипто-средства по правило се смета за високоризично. Било која иницијатива за регулирање на ова прашање на национално ниво бара внимателно планирање, засновано врз оценка на ризиците и потенцијалите и потребата за обезбедување рамнотежа помеѓу иновациите и стабилноста, велат од Народна банка за „Локално“.

Од Банката додаваат дека ќе продолжат да ја поддржуваат институционалната координација и ќе ја информираат јавноста имајќи ја предвид сопствената надлежност и мандатот да ја штити стабилноста на финансискиот систем.

Во однос на дигиталниот денар, Народната банка со техничка помош од Светската банка работи на студија за дигитален денар. Студијата ќе ги опфати потребите и користите од издавањето дигитален денар, ефектите врз монетарната политика и финансиската стабилност, правната рамка и потребната техничка инфраструктура за издавање на дигиталниот денар и неговото користење како платежно средство. По завршување на проектот, Народната банка транспарентно ќе ја информира јавноста за резултатите и следните чекори.

Премиерот Христијан Мицкоски, од почетокот на својот мандат, ветува регулација на криптопазарот, што, според него, ќе значи поголем прилив на пари во државата и во буџетот. Но, сè уште не е регулиран тој пазар кој ќе значи добивка за многу компании и граѓани.

Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризмот, Управата за финансиско разузнавање е задолжена за одржување и водење Регистар на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства.

Криптовалутите се дигитални средства, кои се појавија како алтернативни методи за плаќање по финансиската криза во 2008 година, кога голем број луѓе ја загубија вербата во традиционалниот банкарски систем.