Во организација на Тускон од Турција, од 18 до 20 јуни 2013 година, во Експо центарот во Истанбул, ќе се одржи најпрестижниот саем за градежништво, градежни материјали, градежни машини и мебел.
Стопанската комора на Македонија организира посета на заинтересирани компании на Саемот, но ќе биде и логистичка поддршка за нивното учество. Комората обезбедува попуст на саемскиот аранжман, бесплатен каталог, како и бесплатни влезници, бесплатна историска и туристичка турнеја низ Истанбул, што е планирана на 18 јуни 2013 година.
Ова е едно од најважните економски случувања од областа на градежништвото во регионот. Саемската манифестација претежно е наменета за дејностите од областа на градежништвото, градежните материјали, градежните машини и мебел. Во Експо Центарот во Истанбул ќе учествуваат влијателни претставници и бизнисмени од преку 140 земји од светот и ќе се овозможи воспоставување на бизнис-средби со врвни турски компании.
На настанот учество ќе земат водечките локални и светски градежници, производители на градежни материјали и градежни машини, како и производители на мебел. Воедно, во рамките на Саемот ќе се одржат и би-ту-би средби со 2.500 учесници, што е добра можност да се воспостават бизнис-контакти, да се зголемите соработката со турските фирми, како и можноста за нова инвестиција и соработка.
Патот, хотелското сместување и организациските трошоци се на товар на компанијата. Зависно од броjот на пријавените компании, Kомората може да организира автобуски превоз за сите заинтересирани компании.