Макрон: „Можете да го решите вашиот проблем, но ќе го влошите нашиот“

86

Францускиот претседател Емануел Макрон во Вашингтон ги осуди мерките преземени од американскиот претседател Џозеф Бајден за намалување на влијанието на инфлацијата врз американската индустрија.

На првиот ден од официјалната посета, францускиот претседател не ја криел својата загриженост за време на средбата со американските парламентарци, објави Ројтерс, повикувајќи се на извори од таа средба.

Макрон оцени дека субвенциите што американскиот претседател одлучи да ги предложи како дел од економскиот и социјалниот пакет мерки наречен „Закон за намалување на инфлацијата“ (ИРА) се „суперагресивни за европските компании“.

„Со усвојување на ИРА, можете да го решите вашиот проблем, но нашиот ќе го влошите уште повеќе. Жал ми е поради тоа“, рече Емануел Макрон.

Европејците веруваат дека огромен пакет субвенции за американските производители би можел да и нанесе фатален удар на индустријата во Европа, која веќе е загрозена од високите цени на енергијата предизвикани од рускиот напад на Украина, пренесува Ројтерс.

Германските производители на автомобили, за кои САД се главен извозен пазар, се меѓу најголемите жртви на пакетот ИРА што ги субвенционира електричните автомобили произведени во САД, рече тој.

Француските производители на автомобили не извезуваат во САД, но Франција има големи производители на автоделови кои би биле погодени, додава агенцијата.