Малта има најскапо, а Хрватска најевтино обработливо земјиште во ЕУ

Цените на обработливото земјиште во Европската унија во 2023 година биле највисоки во Малта, а најниски во Хрватска, објави  Евростат.

Во 2023 година, просечната цена на еден хектар обработливо земјиште во Европската унија беше 11.791 евра, додека просечната годишна цена на закупнина на обработливо земјиште и/или трајно пасиште беше 173 евра по хектар, се додава во соопштението.

Податоците за цените се достапни за 22 земји од Европската унија, а Малта е убедливо најскапа во оваа категорија, каде хектар обработливо земјиште се продава во просек за 283.039 евра.

На второ место по просечни цени е Холандија со 91.154 евра по хектар, а на трето е Луксембург со 42.540 евра по хектар.

За разлика од нив, најниски просечни цени на обработливото земјиште се регистрирани во Хрватска, 4.491 евра по хектар, Летонија 4.591 евра и Словачка 5.189 евра.

Податоци за закуп на обработливо земјиште и/или постојани пасишта се достапни за 21 земја на Европската унија. Највисока цена за закуп е забележана во Холандија, 914 евра по хектар, а најниска во Словачка, 67 евра.