Фото: Pixabay
Рекламирањето на интернет има свои законитости, а тоа најмногу се однесува на позициjата на огласот. Како што пишува Бизнис инсајдер, повикувајќи се на comScope, скоро половина од објавените реклами луѓето воопшто не ги гледаат, без разлика дали се позиционирани на дел од страницата што не се гледа на мониторот или се измешани со некои други содржини. Истражувањето на движењето на очите при сурфање по интернет покажало дека просечно се забележуваат само 14% од рекламите. Човечкиот мозок не гледа одредени места на страната, што значи дека маркетинг експертите треба да обрнат внимание на тоа како функционира мозокот. Еве неколку работи што се вредни за внимание:
Сликата мора да биде на лева, текстот на десна страна
Кога рекламата го прикажува логото на компанијата, тогаш е важно сликата да биде на лева страна, а текстот на десна. Еве зошто: десната страна на мозокот се користи за процесирање на слики и мозокот ги визуализира информациите обратно. За мозокот да ја процесира сликата од десната страна на логото, мора повторно да го преработи тој процес и губи време. Затоа е голема веројатноста дека неговите 100 милијарди неврони ќе го префрлат фокусот на нешто друго.
Треба да се користи двосмислен израз на лицата
Кога мозокот ќе здогледа некое лице, тој во својата меморија ја “чешла” архивата на сите лица што ги видел до сега. Ако мозокот види насмевка или муртење, тој веднаш заклучува дали личноста е среќна или тажна и преминува на нешто друго. Но, двосмислен израз на лицето го тера мозокот подолго да се задржи на сликата и да продолжи да истражува. Оваа техника не е ништо ново, ја применувал и Леонардо да Винчи. Колку часа луѓето стоеле пред портретот на Мона Лиза и се обидувале да откријат што мисли?
Помалку е повеќе
Ако на една интернет страна се претера со реклами, голема е веројатноста дека никој нема да ги загледа. Со развојот на технологијата, огласувачите мораат се повеќе да балансираат меѓу приходот од огласите и самата содржина. Мудрите издавачи ќе го ограничат бројот на огласи и на крај ќе имаат поголеми приходи, затоа што потрошувачите ќе ги конзумираат оние огласи што не се предоминантни над содржината.
Заоблените рабови се најдобри
Еволуцијата не научила дека острите рабови и острите предмети се опасни и треба да ги избегнуваме. Поради тоа и во дизајнот треба да се избегнуваат остри рабови затоа што тие рефлексивно не тераат за момент да се повлечеме. Заоблените рабови, напротив, ги привлекуваат луѓето наместо да ги одбиваат.
Правилото 1,5 секунди
Сите истражувања покажуваат дека ако една реклама се гледа барем 1,5 секунди, голема е веројатноста да биде запаметена, за разлика од оние реклами преку кои читателите само прелетуваат со погледот.