Марко – робот што ќе им помага на болните дечиња

73

???? ???  - ????? ?????

Роботот Марко е создаден во рамки на проект за развој на роботиката како средство за помош во совладување на потешкотиите во развојот на децата, а пред се е наменет за лечење на дечиња болни од церебрална парализа, пренесуваат српските медиуми.

Хуманоидниот робот е резултат на работата на мултидисциплинарниот тим од 40-тина млади српски научници на чело со професорот Бранислав Боровац.

“Името на роботот – Марко е кратенка што значи: мобилен, антропоморфен робот со когнитивни особини. Роботот засега има глава и раце, а на Фестивалот на науката што неодамна беше одржан во кампусот на Универзитетот во Нови Сад, му беше изложена само главата“, вели докторантот Срѓан Савиќ, дел од тимот.

Целиот проект би требало да заврши до крајот на 2015 година. За дизајнерското решение на роботот се задолжени експерти од Академијата за ликовни уметности, а обликот и сината боја на главата се резултат на тестирања во кои учествувале деца.

Рацете на Марко имаат антропоморфна структура и можат да ги извршат сите движења како и луѓето, бидејќи дизајнот на неговите зглобови верно ја следи структурата на човечките раце.

“Марко прима гласовни наредби и има систем за препознавање и синтеза на говор. Фондот на зборови е доволен да се направи разговор и истиот секојдневно се зголемува. Тоа е можно благодарение на тоа што кај роботот е развиен дијалошки систем“, вели Савиќ.

robot marko

На пример, на наредбата да погледне лево, роботот одговара: гледам на левата страна, но понекогаш знае да одговори и дека “му се спие и дека не сака да се разбуди“. Вратот, трупот и нозете на роботот се проектирани и деловите се испратени на производство, па се очекува на почетокот на следната година Марко да биде комплетиран.

Според професорот Боровац, во светот не постои тип на робот што ја има истата намена како и Марко. Како најголем проблем во изработката на овој робот се наведува доцнењето на изработката на деловите од странство.

Кога Марко ќе биде целосно завршен, ќе се “вработи“ во Детската болница во Нови Сад и поради тоа во тимот за негово создавање се вклучени и доктори од таа здравствена институција. Носителот на целиот проект за изработка на Марко е Факултетот за технички науки во Нови Сад.