Маск бара партнери да му се придружат во борбата против Бордот на Twitter

131

Илон Маск наводно разговара со потенцијални партнери за да му се придружи во обид да се справи со контролата на Twitter, откако Бордот „го покисна со ладна вода“ на неговата понуда од 43 милијарди долари.

50-годишниот Маск во средата пред одборот изјави дека сака да ја купи компанијата, во која има 9,1 отсто од акциите. Во четвртокот, извршниот директор Параг Агравал им кажал на вработените дека сè уште ја разгледуваат понудата на Маск. Но, вчера, одборот на Twitter објави драматичен „план за отровна пилула“ за да го спречи Маск дополнително да го зголеми својот удел во компанијата, пренесе „Дејли мејл“.

Планот објавен во петокот ќе предизвика „разводнување“ на акциите на компанијата доколку некој акционер собере 15 отсто од акциите без одобрение од Бордот.

Планот не го спречува Twitter да ја прифати понудата на Маск или да влезе во преговори со него или со други потенцијални купувачи – но ќе го спречи милијардерот да изврши притисок врз управниот одбор со купување на се повеќе акции на отворениот пазар.

Како одговор, Маск сега „регрутира“ други да се придружат на неговата понуда, објави „Њујорк пост“ во петокот вечерта.

Маск, најбогатиот човек на светот, моментално поседува 9,1 отсто од акциите на Twitter и се обидува да ја преземе компанијата во приватна сопственост со понуда од 54,2 долари по акција, што е многу над цената од 45,08 долари, со која затворија акциите во петокот.