Маск го продаде X-поранешен Твитер на својата компанија за вештачка интелигенција

Милијардерот Илон Маск синоќа објави дека неговата компанија xAI ја купила X, апликацијата за социјално вмрежување порано позната како Твитер.

Илон Маск ја продаде социјалната мрежа X на неговата компанија за вештачка интелигенција (AI) xAI во зделка вредна 33 милијарди долари, целосно реализирана во акции, објави милијардерот во петокот.

„Иднините на xAI и X се поврзани. Денеска официјално правиме чекор кон комбинирање податоци, модели, компјутерски ресурси, дистрибуција и талент“, рече Маск во објавата на социјалната мрежа, додавајќи дека комбинираната компанија ќе биде проценета на 80 милијарди долари, објави Ројтерс.

Стартапот на Маск со вештачка интелигенција, кој  започна со работа во 2023 година, неодамна собра 6 милијарди долари од инвеститорите, со проценка од 40 милијарди долари.

Двете компании се во приватна сопственост, што значи дека од нив не се бара јавно да ги објават своите финансиски извештаи, пишува АП.