
Цените на нафтата денеска дополнително пораснаа, откако во понеделникот завршија на петнеделен максимум.
Пазарот е загрижен поради можноста за намалување на испораките од Русија и Иран по заканите од американскиот претседател Доналд Трамп.
Суровата нафта „West Texas Intermediate“ за испорака во мај се тргуваше за 71,59 долари за барел непосредно пред 12:00 часот по средноевропско време, што е за 18 центи повеќе од затворањето во понеделникот. Северноморската нафта „брент“ за испорака во јуни беше за 19 центи повисока од понеделникот на 74,88 долари.
Растот е последица на неизвесноста на пазарот откако Трамп се закани со секундарни царини за руската нафта, а исто така му се закани на Иран со воена интервенција доколку не се откаже од својата нуклеарна програма, јавуваат странските новински агенции.











