Маск побара продолжување на рокот: Судење со Твитер веќе во октомври

5

Твитер ја постигна првата победа против Елон Маск во битката да го принуди да го заврши „ветениот“ откуп од 44 милијарди долари, бидејќи судијата во американската сојузна држава Делавер се согласи да го забрза почетокот на судењето, закажувајќи го за октомври.

Судијката Кеталин Мекормик го закажа судењето на есен, наместо две недели во февруари како што побара познатиот милијардер. Твитер претходно објави дека компанијата страда поради повлекувањето на Маск од договорот за преземање и омаловажувањето на компанијата на сопствената социјална мрежа, пишува Блумберг.

Мекормик истакна дека правната битка околу трансакцијата „создаде облак на несигурност“ над Твитер.

„Реалноста е дека континуираните одложувања се закануваат со непосредна штета на компанијата“, рече таа.

Судијата немаше прашања за адвокатот на Твитер по неговото излагање, но го запре адвокатот на Маск кога тој го нарече почетокот на судењето на 19 септември „бесмислено“. Таа наведе претходен случај кој стигна до судницата во рок од три месеци и го отфрли аргументот на адвокатот на Маск дека и требало една година да започне друго судење, укажувајќи на ограничувањата што пандемијата ги донесе во тој период.

Мекормик им рече на спротивставените страни да предложат конкретни датуми во октомври за судењето без поротата и го заврши сослушувањето за нешто повеќе од час и половина.

Акциите на компанијата Твитер по оваа одлука скокнаа за цели 5,4 поени. Тие се тргуваа за 39,32 долари, што е зголемување од 2,4 отсто. Од денот кога Маск објави на Твитер дека договорот е „на чекање“ во средината на мај, акциите паднаа за дури 22 отсто.