„Мазда“ се спојува со кинески компании

86

Јапонскиот производител на автомобили „Мазда“ соопшти дека се договорил со двајца кинески партнери да формираат нова компанија во која ќе има удел од 47,5 проценти.

Кинеската државна компанија „Чунгкинг Чанган“, исто така, ќе поседува 47,5 проценти од новото заедничко вложување „Changan Mazda Automobile Co.“, додека ФАВ ќе биде сопственик на преостанатите пет проценти, пренесува „Меѓународното кинеско радио“.

„Трите компании имаат за цел да ја искористат секоја стратешка и менаџерска можност во новото заедничко вложување и се стремат да го направат својот бизнис и систем за управување оптимален за прилагодување на потребите на растечкиот кинески пазар“, се вели во соопштението на „Мазда“.

Во Кина, најголемиот светски автомобилски пазар, продажбата на „Мазда“ заостанува многу зад другите јапонски производители на автомобили. Минатата година, 214.574 возила беа продадени во Кина, наспроти 227.750 единици во 2019 година.

„Тојота мотор“, „Хонда мотор“ и „Нисан мотор“ продадоа над милион автомобили во Кина во 2020 година.