Медиумски гигант отпушти стотици и се насочува кон дигитални платформи

Американската медиумска компанија CNN отпушти околу 6 проценти од своите вработени на почетокот на годината, односно околу 210 луѓе, пренесува CNBC. Причината е промена во деловната стратегија и фокусот на дигиталниот пазар.

Извршниот директор на CNN, Марк Томсон, ги објави намалувањата во меморандум до вработените, потврдувајќи медиумски извештај. Сепак, тој нагласи дека вкупниот број на вработени не треба значително да се намали, бидејќи CNN планира да инвестира 70 милиони долари во нови дигитални проекти.

Знам дека ваквите промени се тешки, особено за оние кои се директно засегнати – рече Томсон.

Отпуштањата се дел од поширока трансформација – CNN се стреми да ги модернизира своите ТВ канали и да развие услуги за дигитални претплатници. Некои емисии од Њујорк и Вашингтон би можеле да се преселат во Атланта, каде што продукцијата е поевтина.

Сепак, прекините на работните односи не важат за најпознатите телевизиски личности кои се под договор. CNN моментално има околу 3.500 вработени низ целиот свет, а портпаролот на компанијата одби да коментира за деталите од меморандумот на Томсон.

Нова дигитална стратегија

CNN го најавува лансирањето на нови дигитални услуги и подобрувањето на стримингот. По неуспешниот обид со CNN+ во 2022 година, сега се подготвува платформа која ќе им овозможи на корисниците да гледаат содржини надвор од постојната платформа Max.

Во октомври 2024 година беше лансирана услуга за дигитална претплата која чини 3,99 долари месечно. Целта е CNN да постигне годишен приход од една милијарда долари до 2030 година. Исто така, се планира да се вработат околу 100 нови луѓе за да се зајакне дигиталното присуство.

Фото: Pixabay