Коучингот е фаза во развојот на еден вработен, каде што од тој вработен се бара да ги активира своите потенцијали, да генерира идеи и да учествува во работата на фирмата. Преку коучинг се постигнува луѓето да се враќаат со идеи, со цел да се остварат подобри резултати во фирмата во која работат.
“Коучингот за мене лично е разговор. Но каков разговор? Најголемиот проблем е што најголемиот дел од менаџерите или луѓето што работат на некакви проекти или координираат тимови и се на некакви позиции, немаат време да разговараат со луѓето. И што се случува тогаш? Обично од немање на време или се нешто сме зафатени и брзаме, забораваме да разговараме со луѓето. Ако треба да се мери што реално еден коучер, еден менаџер треба да работи, голем дел од своето време треба да разговара со вработените. Но, дали секој разговор со вработените е коучинг? Не е!”, рече Дејан Ваневски од Wrigley за време на третиот модул од Top Class Plus програмата на ЦЕЕД Македонија.
Преку коучинг се развиваат вработените, се наведува соговорникот
самиот да го најде одговорот на поставените прашања или проблеми. Вработениот учи дека треба да се развива во работата за постигнува подобри резултати, додека менаџерот учи како да биде подобар лидер.
“Коучингот е поставување на прашања. Добриот менаџер го прашува соговорникот ‘Што би направил ти’? Ако самите му кажете на вработениот како да го реши проблемот, следниот пат повторно ќе чека вие да му го решите проблемот и нема самиот да се потруди да дојде до решение. Притоа, во овој процес најважно е да се задржи позитивниот пристап, да се изгради доверба, меѓучовечки односи и да се покаже лидерство”, вели Ваневски.
Идејата на коучингот, кој полека почнува да станува популарен и во Македонија, е вработените да остваруваат подобри резултати, да ги развиваат своите потенцијали и таленти, да добијат чувство за припадност.
Бенефитот за менаџерите и компаниите пак, е намалување на стресот, зголемување на моралот, зголемување на креативноста, но и подобрување на односите, меѓу вработените и со претпоставените.