По тригодишна процедура на анализи и проценки, Алкалоид доби одобрување за пласман на два свои лека на пазарите на земјите членки на Европската Унија.
Имено лекот Метадон ќе биде пласиран во 11 земји, а Цефиксим, кој кај нас е познат под името Панцеф, ќе се продава во 12 земји на ЕУ. Со ова, Алкалоид ги направи и првите регистрации на пазарите во Италија и во Шпанија.
Двата лека на Алкалоид добија дозвола за пласман на европските пазари, откако ги поминаа најстрого регулираните процедури на Европската Унија, како што е Европската децентрализирана процедура, под водство на Агенцијата за лекови на Англија, како референтна држава, почитувајќи ги и националните специфики на другите земји вклучени во регулаторната постапка, како Германија, Полска, Шпанија, Австрија, Португалија, Италија, Чешка, Словачка, Романија и Унгарија.
Антибиотикот Цефиксим (Панцеф) исто така доби дозвола за пласман и на пазарот во Франција.
Алкалоид за првпат изработи една специфична апликација на ниво на ЕУ, таканаречена полна или комплетна апликација за регистрација, при што, по извршената процена на квалитетот, безбедноста и ефикасноста, Англиската агенција за лекови одлучи дека производот Метадон може да има третман на Европски референтен производ.