
Четириесет и еден предлог проект содржи Првата конечна приоритетна листа на предлог проекти за јавни инвестиции, што на предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции ја усвои Владата.
Листата ги содржи предлог проектните идеи подготвени и проверени од страна на иницијаторот, односно институцијата којашто го има доставено, а потоа оценети од страна на Министерството за финансии и одобрени од Комитетот за јавни инвестиции.
Министерството за финансии по донесување на Уредбата за управување со јавни инвестиции започна со прибирање предлог-проектни идеи со средна и голема вредност, односно над 5 милиони евра, на коишто Министерството за финансии изврши детална проверка од аспект на комплетноста на документацијата, квалитетот на доставените податоци, стратешката релевантност и основната подготвеност на проектната идеја за понатамошна разработка и врз основа на таа анализа изготви Листа на предлог проектни идеи за јавни инвестиции и мислење за финансиските аспекти, одржливоста и изводливоста на предлог проектна идеја којашто беше доставена до Комитетот за јавни инвестиции на одобрување и доставување до Владата на усвојување.
На листата се содржани проекти од областа на инфраструктурата, образованието, здравството, енергетика, дигитализација, како и проекти од областа на земјоделството и водостопанството.
Првата конечна приоритетна листа, којашто е усвоена, ќе биде клучна основа за дефинирање на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година, како и во инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, што значи дека институциите при своето идно инвестициско планирање треба да се усогласат со оваа листа.
Имено, вклучувањето на предлог проектите на конечната приоритетна листа на предлог проекти за јавни инвестиции не значи и обврска за негово финансирање, ниту конечна одлука за негово спроведување. Одлуката за финансирање на предлог проектот ќе се носи понатаму, преку процесот на капитално буџетирање во рамките на расположливите буџетски средства, односно преку инвестициско планирање во рамките на расположливите финансиски средства на јавните субјекти кои не се буџетски корисници, во зависност од зрелоста на проектот и приоритетите на Владата за соодветната фискална година.
Донесувањето на Уредбата, како и на оваа листа е во согласност со Реформската агенда 2024 – 2027 а во насока на управувањето со јавните инвестиции. Уредбата произлегува од Законот за буџети и е донесена минатата година. Комитетот за јавни инвестиции исто така беше формиран минатата година, а првиот состанок се одржа во април оваа година со што започна примена на еден посистематски пристап во планирањето и управувањето со јавните инвестиции во државата. Односно, станува збор за нов начин на организирање и носење одлуки за капитални проекти со вредност над 5 милиони евра, а целта е одлуките за реализација на проектите да се ностат транспарентно и поедноставно да се планираат буџетите за следните години.
Првата конечна приоритетна листа на предлог проекти за јавни инвестиции е објавена на веб-страницата на Министерството за финансии на следниот линк: https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/upravuvanje-so-javni-investiciii-file-Zznn.pdf.














