Microsoft почнува да ги враќа своите вработени во канцелариите

40

Американскиот технолошки гигант Microsoft Corp. рече дека ќе започне со враќање на вработените во канцелариите подоцна овој месец, станувајќи уште една компанија посветена на враќање на бизнисите во нормала.

Од 28 февруари Microsoft ќе им даде на своите вработени 30 дена да преминат во нова фаза на хибридна работа, што ќе доведе до присуство на повеќе луѓе во кампусите на компанијата, пишува The Wall Street Journal. Кој и кога треба да биде во канцеларијата ќе одлучи секој тим, рече Крис Капосела, главен маркетинг директор на Microsoft, во блог пост.

„Нашиот пристап кон хибридната работа ја прифаќа флексибилноста на распоредот како стандард за повеќето позиции и им дава можност на вработените да одредат како и каде работат најдобро, истовремено уверувајќи се дека плановите на поединецот се во согласност со тимските договори, поставени од нивниот менаџер“, вели тој.

Според Капосела, компанијата е подготвена да започне повторно поради високата стапка на вакцинација во округот Кинг, каде што повеќето вработени во компанијата живеат во Вашингтон, како и поради намалувањето на хоспитализирањата и смртните случаи во државата.

Во септември, Microsoft објави дека на неодредено време ќе го одложи повторното отворање на своето седиште во Редмонд, Вашингтон. Месеци претходно, компанијата планираше повторно да ги отвори своите канцеларии во САД во октомври, но се откажа кога се појави делтата на коронавирусот.

Кампусот на компанијата во Силиконската долина во Маунтин Вју, Калифорнија, ќе биде целосно отворен на 28 февруари, се вели во блог пост.