
Минималната плата треба да се зголеми овој месец, но за колку, сè уште не е познато.
Согласно законот, зголемувањето би требало да биде околу 1,800 денари, а синдикатот бара зголемување за 6,000 денари и придонесите за разликата до 30,000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата.
Оттаму пак велат дека пари во Буџетот за оваа намена не се планирани.
Се согласуваат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.
Одлуката треба да биде донесена на Економско-социјалниот совет каде партиципираат трите социјални партнери, но засега не се знае кога ќе се одржи седницата.
Во вторник, според најавите, на владина седница треба да бидат предложени тројцата членови во Комисијата за репрезентативност кои ќе треба да ја утврдат репрезентативноста на синдикатите. Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите потврди дека во Буџетот нема пари за субвенционирање.
За него е прифатливо секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.
ССМ во понеделникот побара зголемување на минималната плата од 6000 денари со што таа би достигнала до 30,000 денари, а работодавачите една година да бидат ослободени од социјалните придонеси, односно придонесите да ги субвенционира државата.
Според претседателот на ССМ, созреано е времето социјалните партнери да си подадат рака и да го унапредат животниот стандард на работниците, но и да го сочуваат квалификуваниот кадар.
Секој глас против зголемување на платите, како што истакна претседателот на ССМ, е глас за купување билет во еден правец и напуштање на државата- Апелирам до Владата и работодавачите да го прифатат предлогот на ССМ, а пратениците, како што беа сложни за нивните патни трошоци, да гласаат за дополнително зголемување на минималната плата за 6. 000 денари што ќе значи и дополнително зголемување на сите остантати плати на работниците во Македонија.
Ние не правиме упад во даночната политика, напротив.
Со тоа што ќе добиеме зголемени плати нема да заминеме во банките за да ги штедиме тие средства што сме ги добиле како зголемување, туку со нив ќе ги купиме основните прехранбени производи кои се даночат со стапка од 5, 10, 15 или 18 отсто, рече Слободан Трендафилов на прес-конференција во понеделникот.