По извршената двојна проверка за безбедност и здравствена исправност, млеката на хрватската компанија Дукат од денес се повторно достапни на македонскиот пазар.
Од Дукат информираат дека новата пратка на млеката покрај сите редовни микробиолошки контроли на млекото, кои се спроведуваат согласно законските прописи и правилници, успешно го поминале и новиот систем за контрола на присуство на микротоксини во суровото млеко од фармите.
Хрватската компанија дополнително го воведе овој систем за контрола во сите свои производствени капацитети.
Повторното враќање на млеката на Дукат во Македонија се случува откако претходно претставништвото на компанијата во државава самостојно, без барање од страна на надлежните институции, донесе одлука времено да ги повлече од продажба сите млека од овој бренд, со цел да се задржи довербата кај потрошувачите во квалитетот и безбедноста на млеката на Дукат.