ММФ: Клучно е ЕУ да ја зголеми продуктивноста и целосно да го реализира единствениот пазар

Напредокот кон единствениот пазар треба да биде приоритет за Европската Унија (ЕУ), која мора да ги зајакне стапките на раст бидејќи во неповолни глобални околности, ризикува да го изгуби стекнатиот начин на живот, изјави главната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.

„Не сакам Европа да стане Соединетите Американски Држави, но сакам продуктивноста и функционалноста на Европа да се зголемат. Во Европа уживаме статус на суперсила во начинот на живот, но ако не станеме попродуктивни, може да ја изгубиме таа предност“, изјави Георгиева за „Еуроњуз“ пред објавувањето на новите економски препораки за земјите од еврозоната.

Една од главните пораки е понатамошното рушење на бариерите за единствениот пазар.

„Во Европа нема царински давачки, но тоа не значи дека нема регулаторни и други пречки“, објасни таа.

Според проценката на ММФ, бариерите за слободно движење на единствениот европски пазар приближно одговараат на тарифи од 44 проценти за стоки и 110 проценти за услуги.

Според шефот на ММФ, она што се произведува во една американска држава е поделено така што 30 проценти се трошат во таа држава, а 70 проценти во остатокот од САД. Во ЕУ е обратно, 70 проценти се трошат во матичната земја, а 30 проценти се извезуваат. Тоа е средина што го ограничува растот и ги прави пазарите помали и помалку конкурентни.

Доколку Европа ја заврши изградбата на единствен пазар, бруто домашниот производ би се зголемил за три процентни поени за десет години, процени таа.

Начините за постигнување на ова вклучуваат ублажување на регулаторната фрагментација, поттикнување на мобилноста на работната сила, олеснување на прекуграничните спојувања на банките, интегрирање на енергетскиот пазар и постигнување напредок во Унијата на капитални пазари, според ММФ.

ММФ очекува растот во Еврозоната да биде 0,8 проценти оваа година и да се забрза на 1,2 проценти во 2026 година.

Фото: Pixabay