Многу авиокомпании откажаа летови кон Блискиот Исток поради влошена ситуација

Поради влошената безбедносна ситуација во блискоисточниот регион, голем број меѓународни авиокомпании ги прекинаа или привремено ги укинаа летовите кон Израел, Иран, Ирак, Јордан, Либан и Сирија. Исто така, одредени компании известија за измени во начинот на користење на воздушниот простор над овие држави.

Грчката компанија „Егеан ерлајнс“ ги откажа сите летови до Тел Авив до утрото на 12 јули, како и летовите до Бејрут, Аман и Ербил до 28 јуни.

Латвиската компанија „ерБалтик“ ги суспендираше летовите до Тел Авив до 30 септември, додека руската „Аерофлот“ ги откажа летовите меѓу Москва и Техеран и најави промени на другите рути во регионот.

Шпанските авиокомпании, меѓу кои и „Иберија експрес“, ги стопираа летовите до Тел Авив до крајот на јули. „Ер Франс“, „КаЕлЕм“ и „Трансавија“, исто така, ги прекинаа летовите до Израел, додека „Бритиш ервејс“ потврди дека ги прекинува летовите до Тел Авив до 31 јули, а до Аман и Бахреин до 30 јуни.

„Луфтханза груп“ ги прекина летовите до Тел Авив, Техеран и Бејрут до крајот на јули, додека летовите до Аман и Ербил се откажани до 11 јули, најавувајќи дека ќе избегнува користење на воздушниот простор на засегнатите земји до понатамошно известување.

Американските авиокомпании „Јунајтед ерлајнс“ и „Делта“ предупредија дека патувањето до и од Тел Авив ќе биде прекинато до почетокот на август.

„Виз ер“ ги прекина летовите до Тел Авив и Аман до 15 септември, а исто така објави дека ќе го избегнува воздушниот простор на Израел, Ирак, Иран и Сирија.

„Етихад ервејс“ ги откажа летовите помеѓу Абу Даби и Тел Авив до 30 јуни, додека „Емирати“ нема да лета до Јордан, Либан, Иран и Ирак до 30 јуни, а „Флајдубаи“ исто така нема да лета до гореспоменатите дестинации до крајот на месецот.

Романската национална авиокомпанија, „Таром“, ги суспендираше летовите до Тел Авив, Бејрут и Аман до 24 јуни.

Кипарската авиокомпанија „Тус ервејс“ ги откажа сите летови до Израел до 24 јуни, додека летовите закажани до крајот на јуни се затворени за нови резервации.

Израелските превозници, вклучувајќи ги „Ел Ал“, „Сундор“ и „Израер“, ги суспендираа закажаните летови барем до крајот на јуни, со ограничена достапност за јули.

„Етиопијан ерлајнс“ привремено ги суспендираше летовите помеѓу Адис Абеба и Тел Авив до 22 јуни.

Се предупредува дека е можно да има дополнителни промени во распоредот на летовите, а на патниците им се препорачува да се информираат редовно кај нивните авиокомпании.

Фото: Pixabay