Можност за откуп на социјалните станови на 240 рати

149

stanovi Корисниците на социјални државни станови доделени врз основ на ниски приходи, од денеска ќе можат да поднесат барање за да ги откупат по поволни услови. Оваа одлука ја донела Владата во консултација со Банката за развој при Советот на Европа, со која првично беше реализиран проектот за изградба на станови за лица со ниски приходи.
Оние кои нема да ги откупат становите ќе продолжат да плаќаат закупнина и тоа пониска или социјална доколку спаѓаат во ранливи категории граѓани, и комерцијална доколку не се во овие категории. Средствата од продажбата ќе се користат за изградба на нови станбени единици со кои државата ќе го реши прашањето за домување на други категории граѓани.
Одлуката била донесена затоа што голем бил интересот на граѓаните за откуп на овие станови, информираше министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
“Барателот треба да е македонски државјанин, да нема долг по основ на закупнина, а тој, неговиот брачен другар или членовите на неговото заедничко домаќинство да немаат стан, куќа или куќа за одмор или деловен простор во нивна сопственост или да не се корисници на друг стан или деловен простор во државна сопственост на територијата на Република Македонија”, појасни министерот Јанакиески.
Цената на становите ќе варира во зависност од градот, локацијата, местоположбата и ќе се движи од 400 до 700 евра за метар квадратен. Становите ќе можат да се купат во готово или со уплата на 30% од проценетата вредност на станот, а останатите средства да се исплатат на 240 рати.
Јанакиески додава дека услов за да може да се откупи ваков стан е и лицето-барател, неговиот брачен другар и членовите на неговото заедничко домаќинство да не примаат поголем доход од 100% просечна плата во Република Македонија, калкулирано по коефициенти.
“За семејство со две деца коефициентот изнесува 2,1 кој се множи со просечната плата. Приходот во семејството не треба да биде над износот добиен со ваква пресметка. Исто така ратата не смее да изнесува повеќе од 30% од вкупните примања во заедничкото домаќинство”, рече Јанакиески.
Во Македонија има 850 социјални станови во повеќе градови. Најмногу има во Скопје и во Велес.