Осврнувајќи се на сите кризи со кои компанијата се соочувала во скоро 84 години постоење, ова е можеби најстрашната до сега. Изолација сред цивилизација, страв од непознато, борба за зачувување на најскапоценото: сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски. Вака го започнува своето обраќање генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов до вработените.
Зад нас денес се точно десет дена функционирање во извонредно турбулентни услови. Во моментов, се бориме за обезбедување залихи на производи кои не ни се примарна дејност, но се од суштинско значење; се соочуваме со огромни логистички предизвици во услови на затворени граници скоро низ целиот свет; секојдневно носиме одлуки кои се од исклучителна важност за компанијата, при тоа ставајќи акцент на врвниот приоритет: Здравјето на луѓето.
Сето ова се случува во услови кога околу 200 наши вработени кои припаѓаат на ризичните групи граѓани се отсутни од работа. Во оваа прилика, би сакал посебно да се заблагодарам на колегите кои својата солидарност ја покажаа на дело, заменувајќи ги упразнетите места во проиозводните погони. Таквата помош во моментов ни е од огромно значење! Би сакал да се заблагодарам и на сите вас ‘Алкалоидовци’ за посветената работа и деновиве чинам, надчовечките напори, кои сите ние ги вложуваме за непречено одвивање на сите процеси во компанијата.
Во услови кога сите светски економии се оставени сами на себе и се борат за ублажување на ефектите од нова економска криза, кога губењето на работни места е неминовен дел од таа сурова реалност, кога логистичките пречки ја добиваат битката за пласман на производите, ретки се компаниите кои можат да ги надминат овие предизвици и да помогнат на своите економии во вакви тешки времиња. Се надевам и искрено верувам дека ние ќе останеме еден таков столб на македонското здравство и македонската економија. „Алкалоид“ мора да влее надеж за македонската економија и македонските граѓани кои како и целиот свет се погодени од овој феномен. Во вакви вонредни услови, треба да се одважиме и да покажеме доблест дека ќе истраеме, да работиме тимски, да демонстрираме дисциплина, солидарност, посветеност и високо ниво на емпатија. И во вакви услови, ние мораме да ги исполниме очекувањата на пазарот и како и секогаш: да испорачаме врвен квалитет на производите и услугите!
Иако атмосферата на функционирање е комплетно невообичаена, велат, после дождот доаѓа сонце! Како и сите турбуленции, и оваа еден убав ден ќе помине, а „Алкалоид“ и понатаму ќе биде светлата точка на македонското небо. Верувам ќе свети и уште посилно!
Чувајте се, следете ги препораките на здравствените власти и останете во добро здравје, затоа што ЗДРАВЈЕТО е пред сѐ!
Фото: Facebook