Мукаетов: Во последните 17 години Алкалоид има пораснато за 4 и пол пати (Видео)

104

Близу две децении Живко Мукаетов е на чело на скопски „Алкалоид“. Бројни беа предизвицитe за време на близу 90-годишното постоење на компанијата, вели Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, во интервју за Al Jazeera Balkans, но едно е константа – инвестициите. „Алкалоид“ денес има повеќе од 2000 вработени, од кои 600 надвор од границите на Северна Македонија. Со инвестиции поголеми од 104 милиони евра во последните пет години, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан ја прогласи оваа компанија за водечки инвеститор во регионот. Мукаетов е претседател на Ракометната федерација на Македонија и голем покровител на спортот.

Вели дека  успехот на „Алкалоид“ се должи, пред сѐ, на квалитетот на луѓето кои работат во компанијата.

“Зборуваме за над 2.600 вработени, семејства, кои се дел од нашата компанија, едно големо семејство. Се должи, секако, на квалитетот на производите; се должи на она што значи брендот „Алкалоид“, на она што значат брендовите кои „Алкалоид“ ги има и кои се нашироко познати, дали се тоа „Кафетин“, „Бекутан“, „Панцеф“, Good Nature и многу други, така што сето тоа има свое влијание на она што значи континуиран развој на компанијата. Тука би сакал да истакнам дека квалитетот секогаш ни е на прво место. И тоа е многу важно за една компанија во континуитет да може да гради еден позитивен имиџ за себе и за своите производи. Исто, за мене е многу важно што компанијата за сите овие години успеа да покаже една резилиентност и да покаже една способност за адаптација кон новите ситуации кои се случуваат онаму каде што е присутна.

Компанијата има пораснато некаде за 4 и пол пати во последните 17 години.

На прашањето како се гледа на компанијата Алкалоид и на производите Мукаетов истакнува дека во Америка нѐ гледаат како европска држава и како европски производител.

“Интересно е што во Америка мислам дека довербата полесно може да се изгради отколку во Европската Унија, затоа што таму е важно да имате квалитетен производ, важно е тој производ да биде уникатен. На пример, ние сме таму најмногу присутни со органските чаеви и со чаевите од типот на безглутенски состојки во нив. И тука треба да барате некоја уникатност за да се диференцираат од останатите. Но факт е дека во Америка нѐ доживуваат како европски производител и тоа ни дава предност. Посебно што со оние партнери со кои сме почнале да работиме и со кои традиционално долги години работиме имаме една меѓусебна доверба и јас искрено сум многу задоволен од тоа како ние се развиваме на американскиот пазар. Но тука не застануваме. Нашата амбиција е и во сегментот на фармацијата да се позиционираме на американскиот пазар, нешто што досега сѐ уште не ни успеало, но јас сум убеден дека со капацитетот кој го имаме, со квалитетот на нашите луѓе и со портфолиото на производи кои доаѓаат ќе можеме да се позиционираме и во САД“.

Мукаетов за инвестирани нешто повеќе од 104 милиони евра Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан неодамна го прогласи за водечки инвеститор во регионот. На прашањето какви ресурси има овој регион, регионот на Западен Балкан, кои ги користат во работата вели:

„Дали се тоа нашите производни капацитети, дали новите технологии, дали е тоа истражување и развој, дали е тоа магацинскиот простор, значи во разни сегмент од работењето, и сметам дека тоа треба да биде поттик и за другите компании континуирано да инвестираат. Околу самиот регион, јас искрено регионот го доживувам како домашен пазар. Сметам дека регионот културолошки е многу сличен. Ние сме многу блиски со сите луѓе во регионот. Од друга страна, факт е дека во регионот има многу простор за градење синергија. Ние, на пример, имаме конкурентски компании кои ни се партнери во одредени проекти во Хрватска, во Босна и Херцеговина и во Србија. Од друга страна, регионот го доживуваме и како една можност за натамошно развивање на самата компанија. Така, на пример, ние инвестиравме во производство на фармацевтски производи во Србија, инвестиравме во хемиска лабараторија во Љубљана. Нашата, да кажеме, Служба за правни корпоративни работи е стационирана во Загреб, што значи дека направивме една фузија од можностите на регионот“.

За тоа колку е важно регионално поврзување не само за „Алкалоид“ туку и за останатите компании од Западен Балкан Мукаетов смета дека е природен патот да се оди преку домашниот пазар на регионалниот пазар, а потоа да се развива уште пошироко.

„Ако нам, не знам, пред 15-ина години речиси најголем дел од продажбите ни беа реализирани на домашниот пазар и во регионот, сега сме веќе влезени во една друга фаза каде што веќе сме присутни на 50-ина пазари во светот. Но пред тоа моравме да си ја одработиме домашната задача и да се позиционираме прво во регионот затоа што конкуренцијата и во регионот е огромна. И вие ако не сте конкурентни во регионот, уште потешко е да очекувате дека во Западна Европа, на пример, ќе можете така лесно да се позиционирате, така што мислам дека регионот на Западен Балкан е еден одличен тест, на кој би можело компаниите фазно да се развиваат за да станат глобални“.

За огромниот проблем со масовното иселување на младите. Како овој одлив на мозоци ги погодува како фирма, како „Алкалоид“, и што треба да се направи за да се сопре овој тренд, Мукаетов  нотира:

“Искрено да ви кажам дека ако разговаравме пред 10 години, јас ќе ви кажев дека најголем предизвик за „Алкалоид“ се продажбите. Денеска со полна одговорност тврдам дека најголем предизвик за нас е како да ги задржиме квалитетните луѓе тука, во компанијата, како да ги мотивираме, што сѐ треба да направиме за она што е визија за раст на „Алкалоид“ како компанија да може да се следи со квалитетни кадри. Ние влеговме во доста проекти од типот на дуално образование со Средното медицинско и Програмата за практикантство со факултетите, каде што над 100 факултетлии доаѓаат во компанијата и работат со ментори за по завршувањето на факултетот да работат во компанијата. Секоја година правиме анализа на задоволството на вработените со разни додатни програми за да ги мотивираме, затоа што на младите луѓе веќе не им се важни само парите. Ние зборуваме за квалитетот на живот, зборуваме за квалитетот на воздухот, зборуваме за содржината која тие ќе ја имаат надвор од она што го доживуваат на работното место. Значи многу фактори. Ние треба да сме свесни дека не се сведува се само на она што им го нудиме ние како компанија на нашите вработени, туку каков е целиот пакет“.

Целото интервју на следниов линк