Мукаетов: За „Алкалоид“, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија

68

Речиси 25 години Живко Мукаетов ја гради својата кариера во „Алкалоид“, работејќи на повеќе позиции, а на чело на компанијата е речиси 20 години. За компанијата тој истакна: Историски гледано, компанијата растела и се развивала низ многу специфични времиња и системи во текот на своето 9-децениско постоење, но секојпат покажувала резилиентност и брза адаптација кон промените. Во ексклузивното интервју за InStore генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов додава дека постојано се работи на достоинствена и посветена глобализација на „Алкалоид“, а во регионот е веќе креирана фузија за деловен развој кој секогаш е поттикнат со инвестиции, кои во последните пет години достигнаа 104,1 милиони евра.

За тоа дали Отворен Балкан ќе ги придвижи работите во бизнисот Муакаетов  истакнува:

Силно ги поддржувам регионалните иницијативи за соработка, како „Коморскиот инвестициски форум WB6CIF“, „Отворен Балкан“ и слични, чија цел е олеснување и унапредување на трговската размена, мобилност на работната сила, брз проток на услуги и разни синергии кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на регионот. За „Алкалоид“, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија. Имаме производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и тим за корпоративни правни работи во Загреб. Креиравме регионална фузија која му оди во прилог на деловниот развој, и која ја создадовме сами. Изнајдовме и форми за соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина.

Во оваа пригода би повторил една емпириска изјава на поранешниот генерален директор на „Алкалоид“, Трајче Мукаетов: Макросистемите мора да се градат врз основа на работењето и потребите на микросистемите, односно на компаниите. Факт е дека секоја фирма во земјава дава некаков придонес за целокупната економија, а со сета неизвесност што владее и се чувствува не само во земјава, туку и на другите пазари во регионов, компаниите се соочуваат со разни ризици и трошат драгоцено време и ресурси за надминување на предизвиците. Нашава земја во изминативе децении помина низ многу турбуленции, а прекумерната политизираност во сите пори на општеството не даде доволно простор за поголем економски развој. Ни недостига критичка мисла, приоретизација на интереси, а сѐ поевидентна е декаденција на системот на вредности. Успешните примери не се потенцираат, а, од друга страна, на цена се, незаслужено, лажни идоли. Младите заминуваат поради разочараност и подобри економски шанси надвор од нашата држава, додека домашната економија, доколку би излегла од маргините, би дала надеж за многу подобри перформанси. Генерално, во услови на политичка поларизација, бизнисите се оние што треба да обединат, односно да најдат начини како поефикасно да ја промовираат регионалната економска интеграција за да се обезбеди повисоко ниво на конкурентност, а со тоа и подобар животен стандард, повеќе странски инвестиции и посветла иднина за идните генерации.

„Алкалоид“ во моментов е компанија на над 2.700 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.

На прашањето што треба да исполнува една компанија за да биде  соработник/партнер на компанијата, Мукаетов нотира дека во листата со доставувачи на „Алкалоид“ на македонскиот пазар регистрирани се околу 1.200 мали и средни претпријатија.

Листата со соработници и партнери во земјава и во регионот брои повеќе од 1.500. Во сите наши операции се залагаме за испорачување константно висок квалитет, чесност, исполнителност, висока деловна етика, професионален интегритет и кредибилитет кои ги бараме кај секоја компанија со која имаме воспоставено каков било вид соработка, вели Мукаетов.

За успехот вели дека е несомнено тимска работа!

“Среќен сум што сум опкружен со тим од високостручни професионалци кои во голема мера придонесуваат за натамошен развој на успешната приказна на „Алкалоид“. Во тој процес, мојата улога е да ги мотивирам кон повисоки достигнувања. Секој ден е различна битка, но за да ја добиеме војната, мора да имаме ефикасна комуникација и високо ниво на емпатија. Преферирам мотивирање наспроти контролирање, охрабрување наспроти казна и конструктивни дискусии кои инспирираат креативност. Мој императив е компанија во која луѓето ќе бидат задоволни и ќе го вложат својот целосен потенцијал кон заеднички успех“, нотира Мукаетов.