На Италија ѝ недостасуваат 250.000 сезонски работници

94

На Италија, каде што повеќе од една четвртина од вкупниот број на работници за берба се странци од Европската унија и земји надвор од Унијата, ѝ недостасуваат 250.000 сезонски работници поради рестриктивните мерки и забрана за движење поради коронавирусот.

Рестриктивните мерки воведени во борбата против вирусот Ковид-19, од забраната за преминување на границите до обврската за карантин по пристигнувањето, доведоа до недостиг од четвртина милион сезонски работници во земјоделството.

Италијанската влада е поделена околу прашањето за издавање дозволи на нелегални мигранти кои се во Италија, а министерката за земјоделство, Тереза ​​Беланова, се закани со оставка доколку таа мерка не биде одобрена.

Се разгледува можноста дозволите за престој кои истекле во периодот помеѓу јануари и април автоматски да се продолжат до 31 декември.

Според податоците на италијанското здружение Coldirreti, третина од сезонските работници доаѓаат од Романија, членка на ЕУ, потоа околу 35.000 од Мароко, 24.000 Индијци, 32.000 од Албанија, 14.000 од Сенегал, по 13.000 работници од Полска и Тунис, а од Бугарија околу 11 000 работници.

Фото: Pixabay