Владата денеска ги одобри договорите за користење на средствата од унгарската кредитна линија наменети за компаниите со што практично сега Развојната банка може да ги потпише договорите со банките и средствата да станат оперативни.
Парите ќе се земаат од комерцијалните банки со рок на отплата до 15 години од потпишувањето на договорот и грејс период од три години. Каматната стапка е 1,95 проценти, без дополнителни надоместоци. Максималниот износ за кој може да се аплицира е до 10 милиони евра, а во целиот проект вклучени се сите 13 банки.
Според Владата, ова е најголема сума што му е дадена на располагање на бизнис секторот под супер поволни услови, а крајниот бенефит ќе го имаат компаниите и граѓаните со зголемување на конкурентноста на компаните и отворање на нови работни места.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на прес-конференција рече дека постапката ќе биде транспарентна и критериумите ќе бидат еднакви за сите.
– Трошоците за одобрување се нула денари. Постапката ќе биде максимално транспаретна и условите ќе бидат еднакви за сите компании. Со денешните одлуки од страна на Владата велегуваме во последната фаза од операционализацијата на средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите. Со потпишување на договорите се отвара патот за Развојна банка да ги добие средствата од Буџетот, а понатаму да бидат пренесени во комерцијалните банки и оттаму до компаниите – рече министерката за финансии.
Ризикот за одобрување на средствата, како што посочи, е кај банките кои одлучуваат кој и какви проекти ќе кредитираат.
Приоритет, како што рече Димитриеска-Кочоска, ќе имаат производните компании, но можност да аплицираат ќе имаат сите компании.
– Секако акцент имаат производните компании, но ако ги погледнете анализите на Народната банка, ќе видите дека генерално пласманите што ги прават банките годишно не се нешто многу поголеми од овој износ и затоа ние на крајот се одлучивме да се отвориме кон сите компании во насока на тоа секој да има пристап. Секако производните капацитети ќе имаат приоритет и по информациите што ги имам со едни од најгоемите банки во државата, тие веќе имаат постоечки и одобрени пласмани за кои само чекаат потпишување на соодветната документација – рече Димитриеска-Кочоска.