На српскиот аграр ќе му требаат пет години да се опорави од поплавите

21

srbija poplavi

Поплавите и зададоа голем удар на државата и ќе треба четири до пет години за да се опорави земјоделието, изјави министерот за вонредни ситуации на Србија, Велимир Илиќ и додаде дека акцијата за спасување од поплавите била борба за човечки животи.

Илиќ во вчерашното гостување во Дневникот на РТС изјави дека поплавите се голем удар како за буџетот, така и за земјоделството.

“Ова е огромен удар за буџетот, што ќе се види по проценувањето на штетите. Секако ќе треба четири до пет години да се опорави земјоделието од ова”, рече Илиќ.

Како што изјави министерот, поплавите ги уништиле насадите, ги однеле посевите, а граѓаните претрпеле големи штети.

“Водата ги однесе и пченката и пченицата, народот остана без ништо – како што седеа во куќите, така мораа да бегаат од водата”, вели Илиќ.

Министерот е задоволен од добрата координација на надлежните служби, институции и граѓаните. Според него, до оваа состојба не довел лошиот систем за одбрана од поплави, туку во прашање се “ненормално високи водостои” кои не можеле да се контролираат.

Претходно, агроекономскиот аналитичар Милан Простран за Танјуг изјави дека е тешко да се процени штетата што поплавите им ја нанесоа на посевите, но сигурно ќе се мерат во милиони евра. Штетите на овошјето, зеленчукот, пренката и пченицата ќе бидат големи, но домашните биланси не се загрозени и ќе има доволно храна за домашниот пазар. Според Простран, загрозени можат да бидат извозните биланси.