На Украина ќе ѝ бидат потребни неколку месеци за да го врати извозот на жито на предвоените нивоа

62

Украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков предупреди дека ќе бидат потребни неколку месеци за извозот на жито од пристаништето Одеса и од соседните пристаништа да се врати на нивото од пред војната.

Минатиот август 194 бродови испловија од украинските пристаништа, вклучувајќи го и Мариупол, кој сега е под руска контрола. Одеса, Чорноморск и Пивденњи претходно преработуваа околу 60 отсто од вкупниот извоз на жито во Украина.

Курбаков најави дека првите две недели од извозот ќе бидат во режим на пилот проект.

„За месец до месец и половина се надевам дека, ако се оди според планот, пазарот ќе види дека овој механизам функционира, дека осигурувањето е достапно, дека е поевтино и дека ќе го поедностави целиот процес“ рече тој.

Најмалку 16 бродови се заглавени во украинските пристаништа со товар и екипаж кои чекаат властите да го тестираат безбедното минување низ областа, која има морски мини поставени и од Русија и од Украина.

Русија вети дека нема да ги таргетира бродовите што превезуваат храна доколку ѝ биде дозволено да врши заеднички инспекциски проверки за да се осигура дека бродовите што се враќаат не носат пратки со оружје.

Цените на пченицата, пченката и растителните масла нагло пораснаа по руската инвазија на Украина во февруари, но повторното отворање на Црноморскиот коридор ги намали цените на земјоделските производи.