На владина седница извештајот за бојкотот на маркетите, можни мерки за цените

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Министерството за економија и труд денеска на седница на Владата треба да поднесат извештај во врска со бојкотот на маркетите поради високите цени на прехранбените производи од што ќе зависи дали ќе се преземат понатамошни мерки за контрола на цените.

Бојкотот на потрошувачите го поддржа и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека не може исти производи од исти производители во сите земји во околината да бидат поевтини отколку во земјава, но кажа дека очекува производителите, дистрибутерите и трговците преку дијалог да го надминат проблемот.

– ДПИ заедно со Министерството за економија и труд ќе излезат во јавноста со одредени параметри. Ако тоа не се почитува од страна на системот, а тој започнува од производители, дистрибутери и синџири на маркети тогаш како Влада ќе треба да преземеме поинаков тип на дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Оваа акција ќе биде проширена бидејќи не само супермаркетите или хипермаркетите, предмет на анализа ќе бидат и други економски оператори како аптеки, продавници за бела техника. Не може некои производи во соседните земји да бидат два – три пати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка, изјави викендов Мицкоски.

Тој кажа дека ги разбира граѓаните и нивниот револт за бојкотот на маркетите, поради високите цени на производите, но смета дека решението треба да се бара со разговор помеѓу сите засегнати страни.

-Доколку гледаме дека едната страна не почитува договорено тогаш како Влада ќе мора да интервенираме. Ние не сакаме со интервенционализам да водиме политика, сакаме преку дијалог да дојдеме до заедничко решение. Се обидовме пред Нова Година, но знаете како заврши тоа, беше нарушена довербата помеѓу Владата и трговците, додаде Мицкоски.

Премиерот тогаш не ја исклучи можноста да се донесат мерки во однос на цените на производите на денешната владина седница, на која ќе реферира министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, а ќе бидат поканети и други надлежни институции.

Според најавите, до крајот на минатата недела требаше да завршат и шестмесечните контроли на ДПИ со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците по што Инспекторатот треба да излезе во јавноста со податоци.

-Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки, истакна во четвртокот министерот за економија Дурмиши.

Според него, легитимно е да има бојкот на маркетите бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните.

– Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации, рече Дурмиши во четвртокот.

Од Сојузот на стопански комори, пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите. Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто.

-Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13 отсто, додека супермаркетите остануваат под 3 отсто. Супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи, наведуваат од Сојузот на стопански комори.