Под мотото Заеднички влијаеме, во рамките на првиот Национален старт – ап самит, над 20 претставници од македонската старт – ап заедница, заедно со претставниците на Владата на Република Северна Македонија, ги дефинираа следните чекори кои треба да се преземат за државата да се позиционира како регионален старт – ап хаб.
На Самитот кој се одржа вчера во Скопје, главниот говорник Себастијан Диаз Меса, кој е поранешен директор на Стартап Чиле, ја презентираше стратегијата за развој на старт – ап екосистемот во Чиле и своето видување за следните активности во нашата држава.
“Верувам дека со поттикнување на иновациите може да се постигне континуиран и одржлив развој на една земја, а за да имаме иновативен процес, потребни ни се стартапите. Државите, екосистемот, компаниите или било која организација може да стане иновативна доколку ги стави луѓето на прво место и ги поттикнува преку меѓусебна комуникација, базирана на доверба, диверзитет и заедничка цел, односно приказна. Убеден сум дека со активностите кои ги презема Р.Северна Македонија за поддршка на претприемништвото, вие сте на прав пат да станете регионален старт – ап хаб на Балканот“, посочи Диаз Меса.
Според истражувањето кое го направи Стартап Македонија, Фондот за иновации и технолошки развој е институција која за над 60% од старт – ап компаниите во државата е најголемата финансиска и стратешка поддршка во нивниот развој.
“Заедно со Владата, со Стартап Македонија и сите наши партнери и корисници направивме многу во изминатите седум месеци. За прв пат имаме Национален старт – ап совет. За прв пат клучните чинители на екосистемот заедно со претставниците на Владата седат на една маса и разговараат за предизвиците на екосистемот, за трендовите во екосистемот, но и за чекорите кои треба да ги преземеме за негова трансформација. Овие разговори ги преточивме во документ и во нареден период барам сериозно сите заеднички да поработиме на законските измени кои и те како се потребни за трансформација на екосистемот“, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Петров упати и порака до сите чинители во македонскиот старт – ап екоситем, заеднички да работат кон креирање на нова, уникатна, модерна, глобална македонска приказна, да продолжат да го слушаат гласот и да ја следат визијата на старт – ап хероите, а тие да продолжат да не инспирираат и да докажуваат дека може навистина да се успее од нашата земја.
Во рамките на првата панел дискусија Македонскиот старт – ап еко систем: Каде сме и каде сакаме да бидеме? 2016-2026 модерирана од Игор Маџов од Стартап Македонија, Гого Рафајловски од SEEU Tech Park, Петар Ниновски од Бреинстер, Весна Иваноска од Seavus Accelerator и Светлана Кордумова од Pixyle.ai го презентираа своето искуството во развојот на нивните стартапи и организации и заклучија дека на старт – ап компаниите во државата им е потребна поголема поддршка и насока од другите чинители во македонската економија, со цел да развијат подобри стратегии за пробивање на локалниот и глобалниот пазар.
На Самитот беа презентирани и успешните приказни на иновативните компаниите Стратум РиД, Кодвел, Оренгс Хололеа и Фјучр Иновејшнс кои со финансиска помош на Фондот за иновации и технолошки развој успеаја да развијат успешни бизнис приказни и да бидат мотивација на многу иновативни компании. Претставниците потенцираа дека секој почеток носи многу предизвици и ризици, но никако не треба да се потклекне, зашто секој чекор носи и многу можности кои треба да се искористат за да се успее.
Пристапот до финансии беше една од клучните теми на самитот. Коста Петров од ФИТР, Ели Жабевска од SC Ventures, Игор Андреев од XFactor Accelerator, Драган Димитров од ЦЕЕД клуб на бизнис ангели и Милан Дамчевски од ПроКредит Банка беа согласни дека е потребна поголема инволвираност на корпорациите, бизнис ангелите и инвестициските фондови во поддршка на старт – ап заедницата. На панелот беше презентирана и стратегијата за развој на Инвестицискиот фонд на ФИТР кој се очекува да биде регистриран до крајот на годината.
Темата на последната панел дискусија на Самитот беше социјално претприемништво и имакт бизниси водени во државата. Бистра Кумбароска, претставник на Стартап Советот; – Владимир Вуксановиќ од Оргалајф, Асиб Зекир од Реди Рециклажа и Горјан Јовановски од Мој Воздух -Горјан Јовановски. Импакт компаниите во нашата земја се партнери и големи поддржувачи на старт – ап еко системот, со самото тоа што го пренесуваат своето искуство на новите стартапи кои сега започнуваат. Говорниците потенцираа дека секој почеток е навистина тежок, односно додека се сè уште во развој компаниите се соочуваат со многубројни ризици и предизвици. Тие порачаа дека за да се успее треба да се ризикува, да се започне иницијатива и да се искористат сите можности.
“Се надевам дека овој прв старт – ап самит ќе прерасне во годишен старт – ап самит и следната година ќе бидеме во уште поголем број, да ги прославиме сите успешни и неуспешни приказни бидејќи од нив се учи и да покажеме дека навистина заеднички можеме да го ја трансфомираме новата економија во нашата земја“, изјави Нина Николиќ, која е ко-основач на Стартап Македонија.
Првиот национален Старт – ап Самит се одржа во организација на Старт – ап Македонија, Бизнис Импакт Лаб, Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската претприемачка програма (Swiss EP).