Нафтата може да скокне до 130 долари – нов бран ценовен шок?

„Ситибанк“ проценува дека цената на нафтата би можела да достигне 75 до 78 долари за барел доколку вооружен конфликт меѓу Иран и Израел доведе до нарушување на извозот од 1,1 милион барели иранска нафта дневно.

„Ова би значело дека цената на нафтата Брент треба да биде во опсег од 75 до 78 долари за барел“, според анализата на Ситибанк. Во мај, цената беше околу 65 долари за барел, објавува Ројтерс.

Откако се искачи на 78,18 долари за барел во четврток, цената на суровата нафта Брент падна за околу 2,4 проценти на околу 76,90 долари за барел во петок наутро. Во исто време, цената на американската сурова нафта WTI падна во петок за околу 0,20 до 75 долари за барел, според податоците од специјализираниот портал за следење на енергетскиот пазар Oil Price.

Во посебна белешка, JP Morgan предупреди дека во екстремен сценарио на ширење на конфликтот на целиот регион, вклучително и затворањето на Ормутскиот теснец, цената на нафтата би можела да скокне и до 120 до 130 долари за барел.

Конфликтот меѓу Иран и Израел предизвика стравувања од потенцијални прекини во снабдувањето со нафта од Блискиот Исток, еден од клучните светски производители, што ќе доведе до пораст на цените поради зголемен геополитички ризик.

Иран е трет најголем производител во рамките на групата ОПЕК, со производство од околу 3,3 милиони барели дневно. Ситибанк проценува дека намалувањето на производството од околу три милиони барели дневно во текот на неколку месеци би можело да ја зголеми цената на 90 долари за барел.

Затворањето на Ормутскиот теснец би предизвикало остар, но веројатно краток скок на цената, бидејќи меѓународните напори би биле фокусирани на неговото брзо отворање, проценува Ситибанк. Американската банка, исто така, забележува дека влијанието на намалувањето на иранскиот извоз би можело да биде помало од очекуваното, поради веќе постоечкиот пад на извозот од Иран, намалените кинески набавки поради повисоките цени и можниот раст на производството во други делови од светот.

Банката Голдман Сакс претходно оваа недела процени дека цената на нафтата Брент (76-77 долари) вклучува премија од околу десет долари поради геополитички ризик. Во исто време, Барклис верува дека преполовувањето на иранскиот извоз би можело да ги зголеми цените на 85 долари, додека во најлошиот случај на поширок регионален конфликт, тие би можеле да надминат 100 долари за барел.