Најбогатиот Украинец ја тужи Русија, бара оштета од милијарда долари

45

Најбогатиот Украинец и сопственик на фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол, Ринат Ахметов, поднел тужба против Русија до Европскиот суд за човекови права, барајќи компензација за, како што навел, милијарди долари деловни загуби поради руската инвазија, пренесуваат агенциите.

Ахметов, во чија фабрика украинските борци со недели се спротивставуваа на руското бомбардирање, ја тужи Русија за „тешка повреда на неговите имотни права“, објави неговата холдинг компанија „System Capital Management“ (SCM), пренесува Ројтерс.

Во соопштението на компанијата се вели дека Ахметов бара и судски налог за „да се спречи Русија да продолжи да спроведува блокади, грабежи, пренасочувања и уништување на житото и челикот“ произведени од неговите компании, пишува медиумот.

„Злото не смее да остане неказнето. Руските злосторства против Украина и нашиот народ се бесрамни и оние кои се виновни за нив мора да бидат повикани на одговорност“, кажал Ахметов.

Тој додал дека „грабежот на украинската извозна стока, вклучително и житото и челикот, веќе резултираше со пораст на цените и гладување на луѓето ширум светот“, и дека, како што рекол, „овие варварски акции мора да се прекинат и Русија да плати за сите“.

На прашањето за тужбата на Ахметов, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјавил дека Русија повеќе не е под јурисдикција на Европскиот суд за човекови права.

Според магазинот „Форбс“, нетото богатство на Ахметов изнесувало 15,4 милијарди долари во 2013 година, но неговата деловна империја оттогаш ги трпела последиците од повеќегодишните борби меѓу про-пруските сепаратисти во источна Украина, како и од последиците од воената акција на Москва во таа земја.

Ахметов минатиот месец објавил дека неговата компанија Метинвест, најголемиот украински производител на челик, претрпела загуба од 17 до 20 милијарди долари поради руското бомбардирање во Мариупол. Конечната сума ќе биде одредена во тужбата, изјавил тој.