
Цените на нафтата се упатија кон најголем неделен пад од март 2023 година, бидејќи немаше значителни прекини во снабдувањето поради конфликтот меѓу Иран и Израел.
Фјучерсите за суровата нафта „Брент“ пораснаа за 35 центи, или 0,52 проценти, на 68,08 долари за барел, додека американската сурова нафта „Вест Тексас интермедијар“ порасна за 40 центи, или 0,61 процент, на 65,64 долари. Така, двата договори се на пат кон неделен пад од околу 12 проценти.
Референтните вредности сега се вратија на нивоата на кои беа пред Израел да го започне конфликтот со испукување ракети врз иранските воени и нуклеарни цели на 13 јуни.
Неделата започна со цени што достигнаа петмесечен максимум откако САД ги нападнаа нуклеарните постројки на Иран во текот на викендот, пред да паднат на најниско ниво за повеќе од една недела во вторник кога американскиот претседател Доналд Трамп објави примирје меѓу Иран и Израел. Во моментов, трговците и аналитичарите велат дека не гледаат значително влијание на кризата врз протокот на нафта.
„Бидејќи нема значителни закани за снабдување, сè уште веруваме дека има премногу нафта на пазарот, а нашите биланси за 2025 година укажуваат на суфицит од приближно 2,1 милиони барели дневно (bpd)“, велат аналитичарите на „Меквери“.
Аналитичарите прогнозираат дека WTI ќе биде во просек околу 67 долари за барел оваа година и 60 долари следната година, зголемувајќи ја секоја прогноза за два долари откако ќе се земе предвид премијата за геополитички ризик.
Во текот на неделата следеше мал пораст на цените, бидејќи податоците од американската влада открија колку сурова нафта и горива имаат, заедно со растот на рафинирањето и побарувачката, пишува Ројтерс.
Врз цените влијаеше и статијата на „Волстрит џурнал“, во која се наведува дека Трамп планира да го избере следниот шеф на Федералните резерви порано од вообичаеното. Ова предизвика нови предвидувања за намалување на каматните стапки во САД, што би можело да влијае на побарувачката за нафта.